Прво издание на фестивалот за европски авторски анимиран филм Flipbook Film Festival во МКЦ
- Детали
- вторник, 04 август 2020
Првото издание на Фестивалот за Европски авторски анимиран филм Flipbook Film Festival ќе се одржи од 7 до 9 август 2020 година во МКЦ, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за филм.
Од пристигнатите повеќе од илјада кратки филмови од цела Европа, беа селектирани вкупно 87 филмови во три натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм. Во главната селекција на најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 27 наслови, најдобрите европски остварувања, меѓу кои „Ќерка„ на режисерката Дарија Кашчеева, кој има освоено награди на Санденс, Анеси, Торонто и номиниран за Оскар минатата година, Мистер Маре на унгарската режисерка Лука Тот, кој меѓу другото беше во селекција и на Берлинале и Сараево Филм Фест и Sh_t Happens, прикажан на фестивалот во Венеција и Санденс, португалскиот „Пурпурно момче„ итн.
Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 25 филмови. Оваа категорија е посебно интересна бидејќи авторите не се оптоварени со буџети, продуценти и фондови, филмовите ги прават за време на своето студирање на европските филмски академии и можат да си дозволат целосна авторска слобода и ентузијазам. Ќе бидат прикажани филмови од хрватската школа, Cockpera на Ката Гугиќ, чешката - The Kite, белгиската со наградуваниот филм Баланс на Тимоти Крабе.
Новина за македонската публика е натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, хибридна филмска форма која во последните десетина години зазема се позначајно место во изразот кај многу документаристи и аниматори. Меѓу другите наслови, ќе бидат прикажани хрватскиот „Мачката е секогаш женско„ германските „Лицето на Карлота„ и „Иктамули„ итн.
„Flipbook Film Festival„ е замислен како настан за промовирање на уметноста на современиот европски авторски анимиран филм, но и промовирање на македонски авторски филмови и македонски студентски филмови. Така, во главната и студентската селекција ќе бидат прикажани дури осум македонски анимирани филмови, повеќето премиери за македонската публика. Во фестивалските денови ќе имаме можност, меѓу другите, да ги гледаме новите филмови на Иван Андреевски, Вук Митевски, Владимир Лукаш и студентските филмови на Сандра Јовановска и Кристијан Савиќ.
За наградите од секоја од трите селекции ќе одлучуваат Катрин Новаковиќ, хрватска авторка на анимиран филм, Кристина Стојановски, македонска режисерка на анимиран филм која живее и работи во Германија и Гоце Господиновски, професор по анимиран филм во Скопје.
Покрај физичкото издание на фестивалот, со бесплатни филмски проекции и изложба на цртежи од анимирани филмови, на отворено во паркот на Младинскиот Културен Центар, заради ситуацијата со корона вирусот, Flipbook Film Festival ќе има и онлајн издание. Од 7-9 август македонската публика ќе има можност, бесплатно, на платформата Cinesquare, да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за Најдобар анимиран филм од онлајн публиката, а ќе бидат одржани и онлајн работилници за сценарио, продукција и пост-продукција на анимиран филм.