Прв ден на Моден Викенд Скопје: Дрег кралици и екстравагантни гејши ја отворија дваесеттата сезона
- Детали
- сабота, 02 ноември 2019
Во присуство на бројни посетители од земјата и странство, минатата вечер официјално беше означен почетокот на јубилејното издание, кое се одржува од први до трети ноември во Музејот на град Скопје. Што видовме на програмата?
Моден Викенд Скопје започна со претставување на новата зимска колеција „REM“ од Ирина Тошева, преку која таа ги истражува ликовното творештво и надреализмот како појдовна инспирација. Според неа, потпирањето на секвенци од соништата и потсвесните мисли, резултира со најчиста форма на мода, како „противотров“ на светот околу нас. Креациите се изработени со еколошки материјали од банана и пченка, кои се алтернатива на памукот.
Доследна на оригиналниот пристап за презентација на парчињата, нејзиниот избор овојпат падна на модел(к)и налик на дрег кралици, во соработка со шминкерот Небојша Пешевски, Schuster, La Dama и D'eyeko. Ревијата е дел од поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2019-та година од Министерството за култура.
Како втора следуваше Кренаре Ругова, гостинката од Косово, чијашто модна визија за есен-зима ‘19/’20 е нослива гардероба од природен текстил и со унифицирани геометриски форми, нудејќи им отмена и рафинирана силуета на сите модерни жени. Дава чувство на сила и комфор, независно од животното темпо. Истовремено, ги одразува потребите на личноста во актуелното социјално окружување.
Под сјајот на рефлекторите и блицoт на фоторепортеите, блесна и колекцијата на SIGMA Jewelry , брендот за луксузен накит и префинети модни додатоци. Честа да ја отвори гламурозната ревија ѝ припадна на македонската музичка ѕвезда Викторија Лоба, која е нивно заштитно лице и повеќегодишна соработничка. Третите по ред учесници на настанот, навистина ги импресионираа присутните, демонстрирајќи ги најновите модели од богатата палета на аксесоари.
А, дека крајот го краси делото, потврди модниот филм и перформансот „+7 HOURS“, во реализација на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 од Софија, под водство на кураторот Нели Митева. Во прашање е проект што има за цел да ги вкрсти бугарската и јапонската култура низ јазикот на визуелното.
Финалниот резултат се екстравагантни креации, заеднички создадени од девет модни дизајнери од Бугарија, како и четири студенти по моден дизајн од Јапонија. Седум часа всушност е времето кое ги „дели“ како разлика овие две земји. Главната улога во истоимениот филм што го придружува перформансот ја толкува актерката Ирмена Чичикова. Го истражува феноменот за современиот урбан живот, пресликан во футуристички варијанти на традиционалните кимона и носии.
Освен модата и дизајнот, посетителите во Музејот на град Скопје, подеднакво уживаа и во музичката програма. Пред и после секоја одржана ревија, можеше да се слушнат изведбите на Јон Бела и бендот Moonage. Петочната забава по нивното завршување продолжи со звуците на познатиот ди-џеј Flooder. Во чест на десетгодишнината се наздравуваше со Johnnie Walker Highballs, квалитетните вина на Vizba Valandovo Winery и жолтата ракија од Antika 5. За вистинско освежување со стил, официјалната вода на настанот е Пелистерка, домашен бренд со традиција од 1953 година.
Популарните блогерки и инфлуенсерки од Обединети Арапски Емирати, безбедно и комфорно слетаа во нашата метропола, благодарение на авио-компанијата Qatar Airways. За маркантната шминка на манекенките се заслужни брендот Kryolan и визажистите од школата за убавина Art, додека занимливите фризури беа направени со производите од брендот Revlon Professional, како и вештите раце на докажаните професионалци од Bube Studio In. За целодневна нега, свежина и здравје на кожата, косата и ноктите, препораката на Моден Викенд Скопје се производите од козметичката линија за убавина Merz Spezial.
*Автор на фотографии: AD Photography