Започнува првиот европски филмски предизвик – победникот ќе оди на Берлинале
- Детали
- петок, 25 октомври 2019
European Film Challenge е иновативна платформа, што ја поврзува најголемата заедница на љубители на европскиот филм и ја афирмира европската кинематографија
Започна првиот европски филмски предизвик или European Film Challenge, чиј почеток беше одбележан со проекција на краткиот филм “Налепница“ во режија на Георги Унковски, вчеравечер во мултимедијалниот центар Котур во Скопје.
European Film Challenge е млада филмофилска заедница на вљубениците во европскиот филм желни да го доживеат киното од првите редови преку содржини од зад сцената, филмски препораки и ексклузивен пристап до европските филмови и фестивали – Берлинале, Кански Филмски Фестивал и Венеција Филм Фестивал.
Од денес, 25. Октомври, активна е официјалната страница за регистрација и учество во првиот предизвик - за освојување билет за филмскиот фестивал во Берлин – Берлинале 2020.
Идејата е, учесниците да се вклучат во предизвикот со регистрација на https://europeanfilmchallenge.eu/ и во период од 10 недели да изгледаат 10 или повеќе европски филмови на репертоарот во кино салите, во рамки на локалните филмски фестивали, на телевизија или на некоја од легалните видео - стриминг платформи (VoD).
Своето искуство треба да го споделат со тоа што ќе направат фотографија од својот билет, или ќе се сликаат гледајќи го филмот дома или со друштво. Фотографиите ги споделуваат на социјалните мрежи под хаштаг #EuropeanFilmChallenge со што, стануваат потенцијални победници во првиот предизвик.
Наградата е целосно покриено присуство и VIP искуство на еден од најпрестижните европски филмски фестивали – Берлинале.
За прв пат, македонската публика има можност да се поврзе со европските филмофили преку алатките за дигитални комуникации, European Film Challenge MK на Facebook и веб - платформата за регистрација, а предвидени се и настани и филмски проекции.
Дајте ѝ ја главната улога на публиката и публиката ќе стане главна – порачува European Film Challenge и ги повикува сите љубителите на европскиот филм да се вклучат во оваа филмска дружба.
Проектот European Film Challenge во Република Северна Македонија го имплементира Центарот за социјални иновации Блинк 42 – 21, со поддршка од програмата на МЕДИА – Креативна Европа и Европската Филмска Индустрија.