Промоција на албумот „4“ од Мицанов, Поповски, Јосифовски и Салас
- Детали
- вторник, 16 јули 2019
Изминатиов период ја истражувавме историјата. Блиската соработка со професорот Сашо Поповски не доведе до два посебни моменти во времето:
2007-ма, Битола, професорот заедно со Стефан Тасевски, Горан Димитровски и Зоран Ристевски во Јени џамија раскажуваат за Параходот. Парче безвремена музика. https://jazzfortnight.bandcamp.com/album/parahodot
2012-та, Битола, овој пат со гостин од далеку, Оскар Салас, кубанецот кој на кратко ги замени џез клубовите од Њујорк за широкиот сокак под Пелистер. https://jazzfortnight.bandcamp.com/album/4
Токму тука започнува оваа приказна. Албумот е снимен во живо пред битолската публика во галерија Магаза, објект од 19-ти век кој совршено го надоградува она што четворката го презентира на бина.
Настапуваат
- Гоце Мицанов - тенор саксафон,
- Сашо Поповски - гитара
- Оливер Јосифовски - бас
- Оскар Салас - тапани и перкусии
- Микс и мастер - Сашо Поповски/Даниел Митровски/Studio Atelier
- Дизајн на омот - Даниел Ѓурчиновски
- Издавач: Jazz Fortnight, 2019
- Снимено: Битола, 2012
САШО ПОПОВСКИ
Џез музичар од четвртата генерација македонски уметници, професор на музичката академија на Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип – Џез Оддел, композитор и педагог со главен инструмент на гитара. Современиот џез со елементи на традиционална македонска музика ја прави неговата музика уникатен и добро познат учесник на музичките сцени во Европа. Повеќе од 20 години на сцената преку разни проекти соработуваше со многу уметници. Има издадено 3 џез албуми и неколку соло композиции.
ОЛИВЕР ЈОСИФОВСКИ
Оливер е познат како основач на групата Љубојна, група што повеќе од 17 години обработува и креира етно-музика и истата умешно ја презентира пред светската публика. Меѓутоа, неговите интереси и активности не почнуваат, ниту завршуваат тука. Тој е еден од оснивачите на култниот битолски бенд Фолтин, член е на неколку реномирани македонски џез состави, а воедно е и еден од најбараните композитори за театарска музика. Всушност и Љубојна, како проект произлезе од ангажман во претставата „Парите се отепувачка“. Зад себе има 60 тина претстави за кои стои како креатор на музика.
ГОЦЕ МИЦАНОВ
Гоце Мицанов е врвен инструменталист на саксофон и редовен професор на Факултетот за музичка уметност при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тој е еден од оние уметници што оставаат за нив да зборуваат нивните изведби и одбрале некако да дејствуваат тивко и темелно.
Неговото име можеме да го сретнеме во историјата на современата македонска музика врзано со групи како „Леб и сол“ со кои во 1987 година го сними и промовираше албумот „Као какао“, со првата постава на „Парамециум“, зад која со својот авторитет стоеше Гарабет Тавитјан, му беше соработник на режисерот и пијанист Алјоша Симјановски во реализацијата на неговиот проект посветен на легендарниот Чарли Паркер, едно време музицираше со „Езгија“ на Бодан Арсовски, бил солист на Биг бендот на МРТВ, соработуваше со легендарниот трубач Гоце Димитровски, со гитаристот Тони Китановски, басистот Иван Бејков, тромбонистот Филип Стефановски и со мнозина други наши џез-музичари. Мицанов зад себе го има и одличниот албум „Аполонија“ снимен во далечната 1999 година за продукцијата на МРТВ, а тој и сопругата Катерина во 2002 го потпишаа и заедничкиот проект „По дождот“, на кој умешно пливаа во смут-џез водите.
ОСКАР САЛАС
Оскар Салас е роден во 1952 година во Хавана, Куба. Тој емигрирал во САД на возраст од 9 години и почнал да свири професионално на возраст од 16 години. Својот прв албум го снима во далечната 1973 година во Њујорк, како дел од латино-рок составот Café, во продукција на Реј Барето. Своето формално образование го почнал на Факултетот за музика на Универзитетот во Мајами. Во овој период тој е на турнеја со „CJB“ со кои снима три албуми, Halcyon Days, Jumbo Face и Estamos Ahi. Во годините што следат Салас настапува и снимаа со одлични артисти и иноватори како Џако Пасториос, Брекер Брадерс, Марк Колби, Кармен Ланди, Дејвид Брн, Артуро Сандовал и многу други. Карлос има гостувано во "The Tonight Show" со Џони Карсон, "The Tonight Show" со Jay Leno и бројни програми за PBS. Во 1996 година, го има своето прво искуство во создавање на оригиналните перкусиони делови за претставата на Лорета Греко „Passage“ презентирана во The Coconut Grove Playhouse. Во 2008 година, по три децении опсежни турнеи, тој се сретна со македонскиот режисер Антони Ансаров во Мајами, кој сними документарен филм за легендарните кубански музичари кои мигрирале во САД од 1940-та година „Lagrimas Negras“. За време на снимањето на музиката за овој документарен филм, Оскар се запознава со македонскиот џез гитарист Тони Китановски, кој учествуваше на една песна за документарниот филм. Тони го покани Оскар да учествуваат на претстојниот албум за "Черкези" наречен „Шукар“ објавен од издавачката куќа Енја. Во 2011 Оскар настапува на неколку фестивали во Европа и по покана на Тони Китановски одлучи еден период од животот да го помине во Скопје, Македонија.
Тука следуваат голем број на настапи на фестивали низ целиот Балкан и остатокот од Европа. Тој исто така сними и албум со Тони и пријателот Грег Хопкинс, објавен од SJF Records во 2012 година. Истиот период во соработка со Сашо Поповски, Гоце Мицанов и Оливер Јосифовски го одработуваат концертот во Магаза, Битола, кој сега го промовираме како дигитално издание под насловот „4“.
СЛУШАЧКА ПРОМОЦИЈА ВО СКЛОП НА ПРОЕКТОТ „Re:Imagining Jazz“
Овој проект е одговорот на прашањето како денес би се интерпретирала дел од оваа музика.
Диригентската палка ќе ја има Алек Секуловски, Доцент по џез тапани, ментор на новата генерација артисти во Македонија и професор во Metalworks Institute of Music во Торонто, Канада.
Настанот ќе се одржи на 19ти јули во Винил кафе-бар, со почеток од 21Ч.
Повеќе информации на: https://www.facebook.com/events/877097069314147/