Вино фест 2018: Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски ќе ве води на магично музичко патување со врвни вина и деликатеси
- Детали
- понеделник, 10 септември 2018
Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, мистичните „Фолтин“, етно-составот „Љубојна“, џез гитаристот Тони Китановски и Черкези оркестар, се само дел од звучните имиња кои ќе го збогатат музичкиот дел на годинешната манифестација „Вино фест 2018“ на која посетителите ќе дегустираат врвни македонски вина и вкусни деликатеси.
Настанот ќе се одржува од 12 до 15 септември (од среда до сабота) на отворениот паркинг пред Веро центар во Скопје. Како и изминатите години, манифестацијата „Вино фест“ ја организира компанијата „Веропулос“ со цел да ги промовира македонските винарници и нивните вина. Освен во квалитетните вина и музика, годинава посетителите ќе уживаат и во врвни деликатеси кои совршено се комбинираат со изложените вина.
Првиот ден од настанот ќе го отворат групите „Љубојна“ и „Фолтин“, кои со своите уникатни настапи го привлекуваат вниманието не само на домашната, туку и на светската публика. Во следните два дена посетителите ќе уживаат во волшебните звуци на музиката на Јаков Дренковски и на легендарниот Игор Џамбазов, како и на Тони Китановски со Черкези оркестар и на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски. Манифестацијата ќе се затвори со настапите на групата „Куку леле“ и на фолк-ѕвездата Миле Кузмановски. Во текот на сите четири дена, атмосферата пред настапите на музичарите и бендовите ќе ја загреваат диџејските сетови на Чваре, Флудер, Дарко Марковски и Маци.
Најновото издание на „Вино фест“ ќе овозможи уживање во врвни домашни вина, но ќе понуди и концепт на гастрономско бистро со деликатеси од реномирани домашни и странски производители. Посетителите ќе може да ги дегустираат најпознатите вина на винарниците „Тиквеш“, „Бовин“, „Стоби“, „Еземит“, „Далвина“, „Пивка“ и „Гама“ и пијалоците на Пивара Скопје по промотивни цени, додека гурманското задоволство ќе го овозможат деликатесите на производителите „Чеза“, „Единство Челопек“, „Златиборац“, „Линдт“ и „Еуромес“.
- „Вино фест“ е традиционална манифестација чија примарна цел е да ги промовира домашните вина и храна, со што на локалните производители ќе им даде дополнителен стимул за натамошен развој на нивните бизниси. Во исто време, на посетителите им нуди уживање во врвни вина и деликатеси, зачинето со одлична музика на најреномираните домашни изведувачи. Бројот на посетители на „Вино фест“ секоја година е сѐ поголем, а за нас тоа е најдобар показател дека успеваме да направиме совршена комбинација на врвно вино, најквалитетна храна и прекрасна музика. А тоа е основната цел на Веро – на своите потрошувачи секогаш да им го понуди најдоброто - вели Љубица Короскоска, маркетинг директор во компанијата „Веропулос“.
Музичката програма на „Вино фест 2018“ секој ден ќе почнува од 19 часот. Во среда и во четврток ќе трае до полноќ, додека во петок и во сабота ќе завршува во 1 часот наутро.