Култниот Моември повторно во Македонија: Брк по брк за подобро здравје
- Детали
- вторник, 29 ноември 2016
Скопје, (29.12.2016) Моември полека и сигурно прераснува во култна традиција која во текот на ноември го промовира здравјето на мажите низ целиот свет. Целата идеја започнува пред 13 години кога неколку пријатели во Австралија се обложиле да пуштат мустаќи за да соберат средства кои би ги инвестирале во истражувања за болестите кои се специфични кај мажите. Овој начин одекнува низ светот со светлосна брзина и од година во година движењето прераснува на глобално ниво. Од само 450 поддржувачи во првата година во Австралија Моември моментално инспирира преку 5 милиони учесници. Болестите кај мажите зачестуваат но и свеста за истите се зголемува. Поттикнувајќи и инспирирајќи безброј мажи и жени ова движење врши сериозен импакт врз свеста на луѓето за предизвиците на здравјето кај мажите.
Тројца момци ја придвижуваат ова кампања во 2012 година и во Македонија. Филип, Бобан и Божидар првата година го започнуваат меѓусебниот предизвик и ја поттикнуваат јавноста да се приклучи во движењето. На оригинален начин, како сите браќа и сестри „мустактивисти“ од целиот свет, тие сакаат да ги поттикнат луѓето да зборуваат за болестите кај мажите и ги предизвикуваат мажите да пуштат мустаќи со цел да го зголемат општествениот разговор. Што повеќе луѓе се приклучуваат на ова движење толку повеќе се зголемува свеста и се донира во истражувања за болестите на мажите. Македонија влегува и во глобалниот тренд на болестите со кои се соочуваат мажите. Се повеќе млади мажи се под ризик да имаат сериозни последици врз организмот поради недоволна информираност за болестите. Моември во Македонија сака да ги поттикне мажите на практиката на почесто посетување доктори и редовни прегледи.
Секој може да се вклучи во движењето, претежно преку подигнување на свеста за болестите и донирање на светската интернет страна на Мовембер. Глобалното движење ги дистрибуира донираните средства во здравствени установи и лаборатории низ многу држави во светот.
Покрај ова, движењето Моември Македонија ги повикува сите “мустактивисти“ од Македонија да присуствуваат на забавата во Капитол Мол каде ќе ја имаат можноста да си ги “покажат” мустаќите, да донираат и да бидат информирани за предизвиците врз здравјето со кои се соочуваат мажите, но и да бидат дел од Моемврискиот базар на производи за мажи од спонзорот Biotherm Homme. Моември забавата започнува во 21:00 часот во Капитол 4Боулинг на 3 кат во Капитол Мол каде цените на една партија куглање и половина час билјард се симболични 100 денари кои ќе се испратат во Movember фондот.
Капитол Мол од почетокот на ноември е вклучен во кампањата на ширење на веста и движењето. Тие имаат поставено катче за фотографирање каде секој може да се слика со мустаќ и потоа ги споделува фотографиите со #НајБрк на социјалните мрежи. Ова е одличен начин да се отпочне општествен разговор на темата и да се шири веста, а со тоа и да се зголеми свеста за болестите кај мажите.