Прва полуфинална вечер на Евровизија: Даниел е подготвен, жирито гласаше, публиката одлучува вечерва
- Детали
- вторник, 19 мај 2015
Вчера се одржа втората генерална проба за првата полуфинална вечер на Евровизија. По настапите на 16-те земји учеснички во првото полуфинале, гласаа членовите на жирито.
Гласовите на телевизиската публика вечерва ќе одлучат за 50 проценти од поените.
Даниел Кајмакоски настапува 8-ми по ред, а по пробата изјави: „Генералната проба пред полуфиналето помина најдобро до сега, веќе се навикнавме на сцената во Штадхале и убеден сум дека ќе имаме одличен настап“.
Денес во Виена пристигнуваат групи на фанови од Македонија и Србија за да го поддржат Даниел.
Првото полуфинале на „Песна на Евровизија“ е на програмата на Македонската Телевизија, вечерва во 21 часот.
Првите десет кои ќе бидат избрани со најголем број гласови, ќе влезат во финалната вечер во сабота каде заедно со 10-те најдобри од втората полуфинална вечер ќе се натпреваруваат за првото место.