Александра Дилевска одликувана со орденот на уметности и книжевност на Република Франција
- Детали
- четврток, 02 април 2015
Директорката на маркетинг агенцијата Публицис груп, Александра Дилевска Симова е одликувана со престижниот орден Витез од Редот на уметности и книжевност (Chevalier des Arts et Lettres) заради нејзините достигања во промоцијата на креативноста во бизнисот во Македонија, промоција на македонската креативност надвор од земјата и подршка на промоцијата на француската култура во Македонија. Одликувањето, кое го доделува Француското Министерство за култура и комуникации, спаѓа во четирите најважни одликувања во Франција.
„Во животот работите и творите и се обидувате да го направите тоа на најдобар можен начин, и не секогаш очекувате награда или признание. Сепак кога ќе пристигне вакво одликување чувството е исклучително. Сметам дека наградите не се толку за тоа што сте го направиле, туку за она што допрва можете и треба да го направите“ - изјави Дилевска.
„Француската Влада сака да и оддаде признание на г-ѓа Дилевска, посебно во областа на уметноста, комуникациите, развивањето на креативни идеи, за додавањето вредност во бизнисот и пошироко во зедницата, во Македонија. Таа навистина има неверојатна кариера и со ова одликување Франција сака да и покаже колку ја почитува нејзината работа и придонесот во промоцијата на француската култура “ - изјави Амбасадорот на Франција во Македонија, Г-ѓа. Лоренс Оер.
Се доделува на личности кои со своето дејствување влијаат на промените во својата сфера, кои поддржуваат развој на најразлични таленти, и поставуваат највисоки стандарди во комуникациските и креативните вештини.
Александра Дилевска Симова покрај раководната улога во Публицис груп Македонија, на чие чело е веќе 19 години, е член и на УО на Стопанската комора на Македонија, член на УО на Европската Бизнис Асоцијација и член на Ротари клубот. Под нејзино водство агенцијата Публицис прерасна во најголема комуникациска мрежа во земјата во изминатите години. Агенцијата е добитник на повеќе престижни регионални и интернационални награди од областа на креативноста и стратешкото комуницирање. Истовремено Публицис е активен во кампањи од социјален карактер и за подршка на културата, како што се кампањите за подигање на свеста против семејното насилство, Алзхајмеровата болест, францускиот филмски фестивал, Cinedays и други.
Одликувањето Витез од редот на уметности и книжевност се доделува од 1957 година и е една од најпрестижните одликувања во оваа сфера. Одликувањето се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција. Во минатото одликувањето се доделувало само на француски државјани, а во поново време членови на Редот на уметноста можат да бидат и странски државјани, а некои од нив се и Кејт Бланшет, Џорџ Клуни, Шакира, Роберт Редфорд, Пол Остер и други.
На церемонијата на доделување на орденот Витез во резиденцијата на Француската Амбасадорка беа присутни претставници од Француската амбасада, многу соработници, колеги и пријатели на Дилевска, како и претставници од бизнис заедницата.