Тино танцуваше како Трамп, Јапонецот Котецу „растури“ на сцена - Како си поминав на Златна Бубамара ’25?
Mанифестацијата продолжи со настапот на „Некст тајм“ и Слаткаристика и нивната песна „Океани“ - која е избрана за хит на годината.
Меѓу неколкуте награди за трајни вредности беше и онаа која ја доби Сузана Спасовска, а која наскоро ќе прослави 40 години кариера.
„Ќе стои на најважното место во мојата витрина со награди сè додека не ја добијам следната“ - кажа Сузе Национале, како што ја вика народот, па ја испеа „Судбо моја“ за која доби стоечки овации.
„Бубамара“, традиционално, не може да помине ни без Игор Џамбазов.
Тој се трепет во гласот ја рецитираше поемата „Тешкото“ од Блаже Конески, додека мажите од ансамблот „Македонија“ на сцената го играа орото во кое е вткаен дел од нашата историја.
Потоа запеа на јапонски за да го најави оперскиот пејач Казухиро Котецу.
А Котецу, освен што доби награда, го испеа безвременскиот хит на Јонче Христовски „Ако умрам ил загинам“ и на крајот го фрли своето палто на подот, во манирот на легендарниот пејач.
Калиопи вчеравечер се закити со дури три награди - за албум, концерт и пејачка на годината.
„Наградата за албум ја посветувам на човекот кој со децении ме одржува во живот - Ромео Грил ова е твоја награда.
Наградата за концерт е за мојата публика, а мојот народ знае што е култура и има чувство за уметност.
Наградата за пејачка не значи ништо ако не сум пејачка на вашите срца" - рече емотивната Калиопи.
Па ги испеа „Остани мој“ , „Не плачи“, „Дона“, „Само за тебе јас пеам“, „Остани во мене“, „Црно и бело“ и како кулминација - „Бато“.
Едни од последните награди беа наменети за актерите - Дарја Ризова беше избрана за најдобра актерка, Ѓорѓи Јолески ја доби наградата за најдобар актер, а најпретстава е „12“.
„Не знам зошто собрал Синиша 12 врвни глумци да се караат саат и пол на сцена.
Па и без претстава да ги ставиш во една соба, пак ќе се караат саат и пол. Плус, можел и со 6 глумци да заврши работа“ - се пошегува Тино.