Теа од Куманово е Мис Универзум на Македонија 2024 - Гламур и мода на изборот за најубава Македонка
- Детали
- среда, 09 октомври 2024
На гламурозен настан, во прекрасна атмосфера со многу гости и музика, синоќа во Скопје беше избрана нашата претставничка за Мис Универзум 2024.
Теа Ѓоргиевска е Мис Универзум на Македонија 2024.
Таа ја доби оваа ласкава титула вчеравечер (08.10) на гламурозниот избор што се одржа во Националната опера и балет.
Теа од Куманово беше избрана за најубава Македонка во конкуренција на 20 девојки и ќе ја претставува земјава на светскиот избор што ќе се одржи на 16 ноември 2024 во Мексико Сити, Мексико.
Освен тоа, Теа доби и годишен договор во вредност од 50.000 евра со турската модна агенција „Даман“, која го организираше изборот, а на чие чело е Шакир Села, нашинец кој живее и работи во Истанбул.
Најубавата Македонка ја избра жири, во кое беа манекенката и презентер на вести Светлана Црнокрак, водителката Ирена Спировска, пејачката Аделина Тахири, шминкерот и фризер Даниел Николовски, пластичиот хирург д-р Роберт Стојовски, дизајнерот од Либан Фуад Саркис, Стефан Пјер - актер и модел кој живее и работи во Лондон, турската актерка со македонски корени Ебру Дестан, како и Мердита Рамадани.
Покрај убавината, ставот и одењето, жирито стави акцент на изразувањето на девојките, странските јазици кои ги зборуваат, нивната цел во животот и идејата како би ја претставиле нашата земја во светот.
Девојките за овој настан се подготвуваа неколку дена, во Скопје и низ Македонија, се дружеа и учеа кореографии со кои настапија на сцената на НОБ.
Тие се претставија во свечени фустани и костими за капење, а додека дефилираа на сцената, како специјален гостин настапи Тамара Тодевска и ја испеа евровизиската песна Proud.
Гостите се забавуваа и со фолклорна точка.
Водители на настанот беа Татјана Стојановска, Борислав Тноковски и Бојана Тевчева.
Теа, која е член на модното студио „Црнокрак“, наскоро ќе замине на светскиот избор во Мексико, а таму ќе се бори за титулата Мис Универзум во конкуренција на 130 девојки.