Мини Трчај бе - вистински детски спектакл на трчањето
- Детали
- вторник, 13 јуни 2023
Секое дете кое ќе ја помине целта е победник и секое дете за нас е супер херој, гласеа пораките на кампањата која организаторот, етаблираната трка Трчај бе ја водеше последниот месец, со цел да ги поттикне децата од најмала возраст да се заразат со вистински нешта и здрави навики и да ги пријават родителите на првата детска трка.
И тоа им успеа. Над 500 деца, го запоседнаа градското шеталиште во Битола и ја истрчаа својата прва трка во животот.
Илјадна публика навиваше, мотивирајќи ги малите шампиони да стигнат побрзо до целта, без откажување.
Првото издание на Мини Трчај бе, сметаме дека означува мала пресвртница во животот на секое дете учесник, кое имаше шанса да се почувствува и како херој и како победник.
Голема заслуга во тоа имаше бројната публика која со овации и аплаузи ги бодреше малите тркачи додека спринтаа до целта„- изјави Никола Димитровски, основачот на Трчај бе.
Градскиот парк и популарното шеталиште беа совршено место за „Мини Трчај бе“, а организаторот со спонзорите имаа заедно организирано и бројни забавни активности и интерактивни катчиња кои создадоа дополнително енергична и празнична атмосфера.
„За да се обезбеди фер конкуренција и пријатно искуство за сите учесници, учесниците беа поделени во 9 различни категории врз основа на нивната возраст која беше од 4 до 14 години.
Од најмладите кои ги направија своите први чекори до поискусните деца тркачи, така што секоја категорија ги покажа уникатните таленти и одлучноста на овие млади спортисти.
Овој внимателен пристап им овозможи на децата да се натпреваруваат заедно со своите врсници и да го ослободат својот целосен потенцијал.
На крај, беа поделени 54 награди за најбрзите по категории. Во оваа група деца, сме сигурни дека се идните шампиони на Атлетскиот клуб Олимп од Битола, кој има извонредна историја на рекорди и врвни атлетичари и ова е само уште еден начин да потврдиме дека сме град на атлетиката„ - истакнуваат организаторите. „Мини Трчај бе“ несомнено ќе стане традиционален настан.
Радоста на лицата по минувањето на целта, првиот вистински медал за секој учесник, како и можноста децата од најмала возраст да го прифатат активниот начин на живот, да го откријат својот спортски потенцијал и да создадат незаборавни спомени со пријателите и семејството учествувајќи на една детска трка, се само доказ за моќта на спортот во поттикнувањето на чувството за заедница, промовирањето на физичката благосостојба и негувањето на следната генерација спортисти.