Даниел Кајмакоски ќе ја пее „Лисја есенски“ на Евровизија 2015
Песната „Лисја есенски“ која ја испеа Даниел Кајмакоски на овогодинешниот Скопски фестивал е избрана за најдобра песна која ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2015.
Даниел настапи трет и веднаш се почувствува ритамот на победничката песна. Во негов стил, кој најмногу му одговараше и додека настапуваше на „Х-фактор“, уште еднаш покажа зошто е најомилен кај публиката.
Според гласовите од интернационалното стручно жири имаше 10 поени, а според гласовите од публиката, за него имаше пристигнато над 3000 смс пораки и со тоа и обезбедени 12 поени.
Со вкупен збир од 22 поена, Даниел го освои првото место и наградата од 20.000 евра.
Второпласирана е Тамара Тодевска со прекрасната балада „Брод што тоне“, која иако според стручното жири беше на првото место со освоени 12 поени, сепак, од публиката освои околу 700 гласови, односно 8 поени и заврши на второто место со вкупно 20 поени. Таа доби награда од 10.000 евра.
Слушнете ја нејзината песна:
На третото место, изненади дебитантката Евгенија Чанчалова – Еги која е позната од учеството на „М2 потрагата по ѕвезди“ и како победничка на шоуто „Сите наши песни“. Со специфичниот вокал и емотивната изведба на песната „Да не те сакам“ успеа да освои околу 2000 гласови од публиката – 10 поени, но и високи поени од стручното жири, поради што заврши на третото место со награда од 5000 евра.
Вака изгледаше нејзиниот настап:
Целото шоу беше со беспрекорна организација и тематска сценска изведба на најавите кои преку познати евровизиски хитови ги претставуваше Васил Зафирчев.
Во стил на реномиран фестивал, обновен во полн сјај, поддржан од ревискиот оркестар на Македонската радиотелевизија, уште еднаш се потврди грандиозноста и значењето на Скопскиот фестивал.
Во ревијалниот дел, настапија македонските поп-диви и претходни евровизиски претставнички, Каролина Гочева и Калиопи.
Постхумно беше доделена наградата за посебен музички придонес на Даниел Милошевски од Авалон продукција, а наградата за животно дело ја доби композиторот Димитар Масевски.
Ова е официјално прва самостојна песна на Даниел по победата на „Х-фактор“ и имаше среќа да се закити со уште една победа.
Погледнете дел од прославата:
Можеби токму тој е вистинскиот кој ќе ја внесе Македонија во финалето на Евровизија, а можеби ќе ѝ донесе и победа.
Што мислите?