SAP Brothers: Позитива во денови на несигурност - „Љубов си ти“ е музички проект и видео исполнето со многу убавина и радост
Браќата Сапламаеви, познати и како SAP Brothers, во саботата го извадија видеото од најпозитивниот музички проект кој што може да се објави во овие денови.
Бранко и Влатко успеаја да вклопат музика, хумор, страст, љубов и глума во една голема креативна целина благодарение на уникатноста која ја носат во себе. Таа очигледно беше совршено надополнета и од страна на нивниот продуцент и пријател Ѓорги Вацев.
„Единственото нешто што го сакаме во моментов е на спонтан и ненаметлив начин да ви ги оттргнеме мислите од секојдневието и да ве поканиме во еден поинаков, и барем за нас, интересен и забавен свет“, вели Бранко Сапламаев, постариот од двајцата.
„Оваа е наша приказна, но мора да признаам дека си земавме и малку уметничка слобода за да ја раскажеме на поинаков начин. Ние се фокусираме на музиката, љубовта, имагинацијата и смеата и затоа го направивме ова. За забава и задоволство, наше и ваше.“, порачува Влатко Сапламаев, другиот член на дуото.
Да не ја должиме многу и да ви го направиме денот, ако не и неделата, малку поубави. Погледнете го феноменалното видео:
Што мислите за „Љубов си ти“ од SAP Brothers и главната улога на секогаш прекрасниот Арон, нивниот златен ретривер?
SAP Brothers уште денес започнуваат со работа на наредното поглавје од овој забавен проект. Доколку ви се допадна енергијата која ја споделуваат можете да ги заследите на Facebook и Instagram.