Симеон Коруноски & Кортекс: Чисти емоции создаваат прекрасна песна
Македонската музичка сцена доби уште една песна на интересна и млада комбинација, песна што уште од првото слушање ќе се вреже во вашата свест и ќе посакате да ја слушате одново и одново.
Don’t you know е насловот на музичката нумера, зад која стојат пејачот и гитаристот Симеон Коруноски (17) и диџејот и продуцентот Константин Марковски – Кортекс (17).
„Идејата за песната ја добивме пред скоро година дена. Бевме во работна атмосфера, па работејќи на една од моите песни, посакавме да создадеме нешто ново и модерно. Ја продолживме и ја разработувавме идејата, па на крај се случи магијата. Гласот на Симеон совршено се вклопуваше со емоциите на песната и одлучивме да ја завршиме и да издадеме една страсна љубовна приказна каква што е сега“, раскажува Кортекс, чија меѓусебна соработка им помогнала појасно да ги согледаат нештата околу себе и да изградат цврст пријателски однос.
Идејата, мелодијата и аранжманот на песната се дело на Константин Марковски – Кортекс, додека вокалот и текстот се на Симеон Коруноски, студиски проектот е потпомогнат од македонскиот продуцент Дарко Димитров.
„Уште од почетокот, подготовката на песната течеше одлично, со прекрасна соработка помеѓу мене и Симеон. Наидовме на голема поддршка од странски и македонски продуценти, во однос на позитивна критика. Песната претставува спој на уметност и емоции, што им ги полни срцата на слушателите“, открива Кортекс.
Двајцата музичари очекуваат песната да стане хит, текстот да допре до сечија душа и во живо да биде изведена на големите музички фестивали. Нивните мечти и желби ги мотивира да продолжат понатаму и со верба во себе да се стремат спрема нештата за кои сметаат дека се предодредени за нив.
Симеон и Кортекс сакаат да ги скршат бариерите кои светот им ги поставува и да стигнат до остварувања на своите соништа, до оние замислени моменти што со години биле дел од нив. Иако сé уште се млади, двајцата музичари се наоѓаат на добар пат што ветува многу за нивната кариера.
Патот, како и секој друг, е трнлив, но со меѓусебна поддршка и верба подготвени се да се препуштат на авантурите на животот.
Додека да се појави нова музичка нумера од нив, уживајте во нивната прва песна Don’t you know:
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело