Интервју со вокалот на германскиот бенд Креатор: „Во животот сакам да ги следам сопствените правила, а не туѓите“
Германскиот метал бенд Креатор во склоп на нивната европска турнеја во вторник вечерта настапија во Младински културен центар заедно со Дагоба и Вејдер. Група која со децении создава музика и инспирира нова генерација бендови ја сочинуваат: Miland "Mille" Petrozza, вокал и гитара, Sami Yli-Sirniö, гитара, Christian "Speesy" Giesler, бас-гитара и Jürgen "Ventor" Reil, тапани.
Во продолжение следува интервју со Miland "Mille" Petrozza.
По 14 години повторно ѝ одадовте чест на македонската публика, приредувајќи им незаборавна вечер на неколку стотина фанови и истовремено го промовиравте вашиот најнов музички проект – Gods of Violence. Зошто требаше да изминат неколку години за да го објавите овој албум?
„Знаете, кога секојдневно сте окупирани со обврски, кога патувате од една до друга страна на светот тогаш и не преостанува некое посебно време за творење. За да се врати инспирацијата и оној креативен занес суштински е да се биде стациониран на некое место подолго време и да си дадеш шанса од животот да извлечеш колку што е можно повеќе.
Токму таква приказна се крие зад Gods of Violence и мора да признaам дека воопшто не жалиме поради донесената одлука. Нештата да беа забрзани сигурно квалитетот на албумот не би бил ист.“
Сега би се навратиле на почетоците на вашата музичка кариера. Креатор е еден од најпознати хеви-метал бендови од Германија, но кога ја започнавте кариерата во '80-тите какви визии и очекувања имавте тогаш?
„Почетоците на Креатор ми изгледаат како да беа вчера. Кога стартувавме со бендот и ги имавме првите концерти сфатив дека мојот сон отсекогаш е да свирам во бенд. И тоа сè уште трае во ист облик како и некогаш.“
90-тите години за Креатор претставуваа години на експериментирање со жанрови, дали сакавте да излезете од звукот на треш металот и колку периодот на експериментирање ви помогна да бидете она што сте денеска?
„Да не беше тоа редефинирање на звукот сигурно приказната за Креатор би одела во друга насока. Тогаш ние бевме многу млади и жедта да ги истражиме границите за нас претставуваше голем предизвик.
Мислам дека токму желбата да најдеме поинакви начини на експресија на себеси не доведе во ситуација да почнеме да експериментираме со стилот и звукот. И преку тоа искуство сфатив дека во животот треба да ги следам сопствените правила, а не туѓите.“
Па така, во 2001 година со Violent Retribution повторно се поврзавте со треш метал, која беше причината да му се вратите на она со што и започнавте?
„Ништо не беше планирано, сè се случи така ненадејно. Доаѓање на новиот милениум истовремено значеше дека треба да фатиме и нови свиоци со бендот. Догмите и правилата што некогаш ги следевме тогаш се повлекоа.
На површината се појавија сите тие експерименти и дотогашното искуство во светот на хеви-метал, па си рековме зошто да не го искористиме минатото за да создадеме нешто поразлично во иднината. На тој начин треш металот повторно изби на површина.“
Бенд, кој зад себе има 14 албуми како денеска доаѓа до нови идеи за песни?
„Од година во година создавање на нов музички материјал претставува предизвик. Ако сакаме ние секоја година може да издаваме нов албум, но тоа не е целта.
Она што на целиот бенд му е важно е да не се повторуваме себеси. Но, на крај кога секој нов проект е во финална форма согледуваме дека и покрај сè песните звучат одлично и иновативно. И нема што поразлично да се очекува кога ние креираме со нашите срца и души.“
И за крај би сакал да ве прашам што сакате да му покажете на светот со вашата музика?
„Ова звучи навистина епски. Ние сме еден од многу бендови кои сакаат да ги инспирираат луѓето самостојно да мислат и да ги преземат нештата во свои раце ако имаат за цел повисоки достигнувања во животот.
Навистина е големо достигнувања да се инспирираат луѓе кои воопшто не ги знаеш лично и тоа преку еден универзален јазик наречен музика и текст. Тоа е она што несебично сакаме да го делиме со луѓето.“
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело