„Македонски народни приказни“ - 35 години допир со историјата, културата и традицијата на нашиот народ
Старата сезона на ,,Македонски народни приказни”, започната во 1984 година брои околу 300 епизоди и секоја од нив носи своја порака.
Маестралната актерска екипа ја сочинуваат 20 актери кои преку улогите на селанец, чорбаџија, арамија, ѓавол, кадија, цар, еким, светец, Бог и многу други, силно продреа во нашите срца и засекогаш оставија траг.
Најпрепознатливата четворка ја сочинуваат единствените: Ѓорѓи Колозов, Шенка Колозова, Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски.
Благодарение на овие македонски легенди многу млади генерации го доживеаа вистинскиот допир со историјата, културата и традицијата на својот народ.
Ѓорѓи Колозов
Ѓорѓи Колозов се појавува во речиси секоја од епизодите на „Македонски народни приказни”. Роден е на 26 февруари 1948 година во Богданци и нè напушта прерано, на свои 55 години.
Неговата смрт предизвика огромна тага низ целата македонска популација.
Дипломирал на Академијата за драмска уметност и оттогаш па сè до својата смрт, беше во нераскинлив работен однос во Македонскиот народен театар.
На драмската сцена му беа доделени многу улоги, а исто така глумеше и во повеќе играни филмови меѓу кои: „Македонскиот дел од пеколот“, „Тетовирање“, „Во светот на бајките“ и многу други.
Ѓорѓи Колозов засекогаш ќе остане запаметен по неговите извонредни толкувања на разните типизирани ликови од македонското народно творештво.
Шенка Колозова
Шенка Колозова, инаку сопруга на Ѓорѓи Колозов е родена на 1 февруари 1947 година во Добрево, Пробиштипско.
Дипломирала на Катедрата за јужнословенска книжевност и заслужено ја носи титулата за една од најпознатите актерки на македонското тло.
Нејзината кариера располага со повеќе од 6.000 претстави од кои ќе ги издвоиме: „Свирачот на покрив“, „За сите мои синови“, „Електра“.
Во едно од нејзините интервјуа Шенка изјавува дека создавањето на Македонските народни приказни всушност се случило сосема спонтано и најголем виновник за тоа бил нејзиниот сопруг Ѓорѓи.
Поради огромната заинтересираност за приказните и очигледната љубов којашто ја чувствувале кон актерството, почетоците сите ги работеле за минимални хонорари.
Инаку, Шенка Колозова ја среќаваме и во новите сезони на народните приказни не само како актерка, туку и како автор на бројни сценарија.
Гоце Тодоровски
Гоце Тодоровски е роден на 6 јули 1951 година во Кичево.
Завршил на Факултетот за Драмски уметности при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и веднаш ја започнал својата блескава кариера во Драмскиот театар, каде што веднаш бил истакнат како еден од најдобрите и најнадарените комичари.
Учествувал во речиси сите хумористично-сатирични емисии, драми, серии и бил добитник на повеќе награди.
Освен по народните приказни, Гоце е познат и по македонската детска програма „Бушава азбука“ којашто зазема голема популарност во деведесеттите години.
Со одигрувањето на претставата „Како да се ограби банка“, Гоце Тодоровски замина во пензија и зад себе остави богатство од повеќе од 600 македонски народни приказни.
Ванчо Петрушевски
Ванчо Петрушевски е роден на 19 април во Скопје и се школувал на Високата музичка школа, на отсек за актерски кадри.
Во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје, каде неговиот талент дошол до израз уште при првата претстава.
Портфолиото на овој легндарен актер го сочинуваат голем број радио-драмски проекти, телевизиски драми, серии, такашто и незачудувачка е бројката на престижни награди и признанија за својата дејност.
Една од неговите најважни награди е наградата „11 Октомври“ којашто Ванчо ја доби во 2016 година, две години пред својата смрт.
Неговите колеги, пријатели и верната публика се збогуваа со овој мајсторски актер во 2018-та, сложувајќи се дека Ванчо Петрушевски бил и ќе остане еден од најголемите актерски остварувања на овие простори.
Иако, за огромна жал Ѓорѓи и Ванчо веќе не се помеѓу нас, нивниот дух и дела вечно ќе живеат и ќе нè потсетуваат какво бесценето богатство поседуваме.
Вечна ви слава Цареви!