Холивудскиот филм „Пајни: Oсамената елка“ на кој работеше македонското студио „В Хаус анимејшн“ со премиера во Лос Анџелес
Анимираната приказна „Пајни: осамената елка“ на која работеше македонската компанија „В Хаус Анимејш“ по сценарио и режија на познатиот холивудски тандем Тимоти Хутен и Тод Едвардс, ќе ја има својата светска премиера на трети ноември (недела) во Лос Анџелес. Комплетната анимација, продукција и пост-продукција на ова остварување беше работена девет месеци од тим од 60 артисти/цртачи и аниматори.
Гласовите на ликовите им припаѓаат на реномираните актери: Џонатан Прајс (познат по улогите во „Игра на тронови“, „Сопругата“, „Пиратите од Карибите“), Сајмон Пег (улоги во серијалот филмови „Невозможна мисија“, „Ѕвездени патеки“, анимираниот „Ајс Ејџ“) и Џејсон Ентони („Дневниците на Нарнија“, „Филмот за лего“, „Хари Потер“)
Приказната во „Пајни: осамената елка“ го следи необичното пријателство на 9-годишната Џорџи и нејзината омилена елка Пајни за која девојчето се грижи со години. Кога Пајни по грешка ќе биде ставен во следната празнична пратка, Џорџи и нејзиниот дедо, ги поминуваат сите места со новогодишни елки, во обид да го најдат Пајни пред празниците да завршат. Следејќи го Пајни низ неговото невообичаено патување, неговите надежи, сонови и разочарувања, приказната го поставува прашањето: „што доколку новогодишната елка не стигне во својот дом за празниците?“
„Пајни: осамената елка“ е со времетраење од 25 минути и влегува во категоријата кратки анимирани филмови. Ова е голем успех за македонската компанија, која постои 10 години и која веќе има солидно портфолио од сферата на анимираниот филм (http://www.vhouseanimation.com/)
Премиерата на филмот на црвениот тепих во Холивуд, е потврда за квалитетот кој македонската компанија ја става на рамниште со светските анимациски студија од целиот свет.
Видео трејлер за „Пајни: Осамената елка“:
Детали за екипата на филмот на IMDB:
https://www.imdb.com/title/tt11068238/?ref_=fn_al_tt_1