Невеста и младоженец со скии на жичница на Попова Шапка - Ивана и Синиша се вљубиле на скијање
- Детали
- петок, 03 март 2023
„Првите наши заеднички моменти започнаа на скијање, најубавиот момент во нашата врска беше кога јас кажав „ДА“ и тоа токму на скијање и поради тоа свадбената фотосесија решивме да ја направиме на место што најмногу нè поврзува нас...“, открива Ивана Бојческа (24) од Тетово за CRNOBELO.com за свадбените фотки со саканиот Синиша.
Ивана Бојческа (24) од Тетово, програмер и основач на iv.s.arts, мал бизнис за уметнички дела, и Синиша Симјаноски (32) од Тетово, вработен во МВР, по 5 години врска ќе ја крунисаат својата љубов со брак.
Но, пред свадбата тие си направија интересна свадбена фотосесија на жичница во Попова Шапка.
Ивана носи венчаница и скии, а пак Синиша е во елегантно црно одело со скии.
Од каде инспирацијата за оваа уникатна фотосесија, Ивана споделува за CRNOBELO.com:
„Инспирацијата за оваа фотосесија започна од нашата љубовна приказна. За нас, на Попова Шапка започна сè...
Првите наши заеднички моменти започнаа на скијање, најубавиот момент во нашата врска беше кога јас кажав „ДА“ и тоа токму на скијање и поради тоа свадбената фотосесија решивме да ја направиме на место што најмногу нè поврзува нас.
Подготовките за фотосесијата не ни одзедоа многу време, односно околу 3 часа.
Навистина уживавме во тој момент, скијачите на Попова Шапка беа воодушевени од нашата идеја и ни ја пренесоа нивната позитивна енергија, а благодарение на убавото време, фотографиите испаднаа совршени. За фотографиите се погрижија Red Central Production.
Свадбата ја закажавме на 30-ти април оваа година, во ресторан во Тетово, а свадбените покани симболизираат целодневна ски карта и сметаме дека тие се шлагот на тортата.“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело