7-те македонски чуда: Богатства кои се кријат во нашата земја - што знаеме за нив?
Скопскиот аквадукт – заборавен сведок на минатото
Во непосредна близина на Скопје, кај селото Визбегово, се наоѓа Аквадуктот - една од најстарите знаменитости на градот.
Аквадуктот е изграден од тула и камен, долг е 386, а висок 6 метри и содржи вкупно 62 столбови. Сè уште не е точно одредено неговото време на изградба, па постојат две варијанти – во времето на Јустинијан (527 – 565 год.) или за време на Отоманското Царство (XVI век).
Се смета дека преку аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до „топџиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли-ан и Сија-беговата џамија. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток.
Покрај својата огромна улога во историјата, овој локалитет има и своја античка убавина, со лаковите кои се простираат низ полето. Во изминативе години Аквадуктот тоне во заборав, иако треба да цути како туристичка атракција и културно-историски споменик.
Стоби – древен град
Античкиот град Стоби кој е сместен крај сливот на реките Црна и Вардар, бил најголемиот град во северниот дел на римската провинција Македонија. Подоцна бил назначен за главен град на римската провинција Македонија Секунда.
Стоби своевремено бил урбан, воен, административен, трговски и религиозен центар со голема важност.
Сместен во срцето на Македонија, на раскрсницата меѓу егејскиот свет и Централниот Балкан, во текот на целиот период на своето постоење е место каде културните достигнувања на древниот свет се собираат на уникатен начин.
Со досегашните истражувања на овој локалитет и со сите пронајдени артефакти кои сведочат за минатото, се добива јасна слика за неговата архитектонска структура и организацијата на животот која потврдува дека Стоби било високо развиено урбано општество со високо ниво на културен развој.
Античкиот град Стоби денес претставува познат археолошки локалитет, но и популарна туристичка дестинација во Македонија. Ноќната илуминација на градските ѕидини и откриените градби дополнително ја нагласуваат неговата атрактивност и убавина, но и историска вредност.
Мостот Зовиќ – Филмски мост
Камениот мост во мариовското село Зовиќ на кој е снимен и дел од филмот Прашина на Милчо Манчевски заслужува да се најде на листата Седум чуда на Македонија.
Мостот, познат и како Филмски мост, ја премостува Градешка Река во непосредна близина на Зовиќ.
На местото на денешниот Камен мост во Зовиќ постоел стар, древен мост. Според приказните на селаните, мостот се преполовил кога трговец во 1952 година поминал преку него со својата тешка воловска кола.
Трговецот го преживеал падот во реката, но мештаните останале без мост. Затоа го изградиле денешниот мост, кој претставува еден од најубавите градби во мариовскиот крај.
Филмскиот мост е изграден од камен, со делкани и приделкани камени блокови. Има лачна форма и приспособен е на природата околу него.
Во долниот дел во непосредна близина на реката од страната на селото Зовиќ изградена е воденица, која населението ја користело за мелење на жито. Под мостот на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи во чест на малата црква која некогаш постоела во близина.
Фрескоживописот во Кубриново – најубавите фрески во Македонија
Фреските се постари од осум века и се најубавите и најзачуваните во Македонија.
Убавиот фрескоживопис е нацртан на ѕидовите на малата црква посветена на Свети Ѓорѓи. Црквичката е сместена над селото Курбиново, во непосредна близина на Преспанското езеро, во подножјето на Баба Планина.
Живописувањето на црквата започнало на 25 април 1191 година, а тројцата мајстори чии раце ги насликале фреските се непознати.
Низ текот на вековите оваа црква беше подложена на повеќе оштетувања, а поправките кои беа вршени на некој начин ѝ го менуваа нејзиниот изглед.
Во црквата се наоѓаат добро сочувани фрески кои може да се класифицираат во најубавите достигнувања на византиската уметност на XII век. Концепциски, живописот е распореден во три зони: во првата зона се насликани поединечни претстави на светители во раст, во втората циклусот на големи празници, а во третата пророци.
Ова се седумте чуда кои барем јас ги сметам за најубави и највредни, но верувам дека листата со сигурност би можела да се зголеми. Според Вас, кои локалитети, градби и објекти од Македонија заслужуваат да бидат на листата Седум Македонски чуда?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / Фото: depositphotos.com