Проектот кој ќе го промени светот: Green UP!
- Детали
- вторник, 23 август 2016
Green UP е проект основан на студентска размена во најголемата интернационална студентска мрежа, АИЕСЕК, организација која е присутна во 1800 универзитети во 128 земји низ светот.
Овој проект е дел од агендата за Одржлив Развој на Обединетите Нации до 2030тата година, односно, иницијатива, план за акција за луѓето за подобрување на планетата и нејзината благосостојбата.
Целта на овој проект е да се подигне свеста за еколошките прашања кои постојат и со кои се соочува нашата држава меѓу македонската младина.
Преку овој проект предвидено е да се поттикнат младите да преземат иницијатива за заштита на природните ресурси за идните генерации, да се едуцираат за еколошката култура и да ги мотивираме и поттикнеме да бидат проактивни и да преземат нештата во свои раце кога станува збор за изнаоѓање на решенија за еколошките прашања кои влијаат на македонското општество.
Нашата цел сакаме да ја постигнеме преку разноликост, едукација, проактивност, интерактивни сесии, забавни активности и игри и креативни работилници. Сесиите ги држат студенти, 6 волонтери од Србија, Германија, Романија, Азербеџан, Кина и Литванија. Преку создавање забавни работилници за најмалечките во градинката Пролет и децата од СОС Детско Село, тие успешно ја пренесоа пораката која ќе остане во срцата на децата, да се грижат и да ја чуваат животната средина во која живееме.
Проектот трае пет недели, почнувајќи од 20ти јули до 25ви август.
Проектот ќе се заокружи со завршен настан на 25ти август во 17:00 часот во Мобилната Галерија лоцирана во Парк на Франкофонијата, каде што сите посетители ќе можат одблизу да се запознаат со сите активности и работилници преку кои децата создадоа неверојатни дела кои го прикажуваат светот во нивните очи, нашата планета и природата, онаква за каква што тие сонуваат.
Изложбата е отворена за сите посетители кои имаат желба да бидат дел од визијата на овие малечки активисти, за нашата животна средина, за нашата планета.