Самовили, духови, свадбари - Вевчанскиот карневал 2025 ја продолжи традицијата стара преку 12 века
- Детали
- вторник, 14 јануари 2025
Со палењето на маските и василичарското оро денес (14.01) во Вевчани ќе заврши Вевчански карневал 2025.
Под падините на планината Јабланица лежи селото Вевчани, каде преку 12 века (според некои записи и 15 века) се одржува традиционалниот Вевчански карневал.
Оваа манифестацијата се одбележува на христијанскиот празник Свети Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот јулијански календар.
Селото (или државата Вевчани како што сакаат да ја наречат вевчанци), оваа година три дена живее во духот на карневалот, од 12 до 14 јануари.
Многу музика, концерти, дефилето на маски и сето тоа ќе заврши денеска (14 јануари) кога средсело ќе се игра традиционалното василичарско оро и ќе се палат маските - чин со кој се истерува злото.
А низ улиците на Вевчани, вчера „вриеше“ од народ. Луѓе од цела земја, но и од странство, дојдоа да ја почувствуваат магијата на еден од најстарите светски карневали.
Од една страна беа гостите, а од друга страна оние кои ја „прават забавата“ - луѓето под маски, кои цела година се подготвуваат за дефилето.
И овој пат низ Вевчани прошетаа два ѓавола, кои се олицетворение на злото, и двајца Глупави Августи, кои ги штитат луѓето од зло.
Тука беа и зетот, невестата и свадбарите, самовили, имаше по некој пијаница кој едвај се „влече“ по улиците, девојчиња маскирани во принцези.
Неизбежни беа и маските инспирирани од актуелната политичка ситуација кај нас.
Улиците на градот беа како вистински театар во живо, со претстава која се гледа само еднаш и веќе не се повторува.