Уникатно запросување на врвот на Шар Планина – Стефан и Софија од Скопје се свршија на надморска височина од 2.400m
- Детали
- сабота, 28 октомври 2023
„Стефан чекал еден месец да го изработат прстенот, сакал да е рачна изработка, а каменот да биде аквамарин. Потоа уште еден месец го криел по високи полици во станот, со надеж дека нема да се качам да бришам прашина, чекајќи го денот кога ќе се искачиме на Плат за да ме запроси“, вели скопјанката Софија за запросувањето на Шар Планина.
Софија и Стефан од Скопје неодамна се свршија на врвот Плат на Шар Планина, кој е висок 2.398m, на една од нивните планинарски тури. Иако се заедно 3 години и веќе разговарале за брак, Софија била изненадена кога Стефан клекнал пред неа на колено и ја побарал за сопруга.
Софија е психолог и работи во областа на човечки ресурси, но и како семеен, системски советник. Стефан, пак, работи во ИТ индустријата како софтвер девелопер.
Во разговор за CRNOBELO.com, Софија ни ја раскажа нивната љубовна приказна и моментот кога Стефан ја запросил:
„Заедно сме веќе 3 години, а се запознавме преку заедничка другарка.
Веќе некое време живееме заедно и имаме разговарано на сите теми, вклучувајќи ги и темите за брак и семејство. Иако имаме заеднички цели и планови за иднината, запросувањето беше изненадување, не очекував дека ќе биде токму овој период и на ова место.
Како двајца кои уживаат во планинарењето, имаме список и годишен план за врвови коишто сакаме да ги искачиме. Местото на запросување беше врвот Плат на нашата прекрасна и незаменлива Шар Планина, а ни беше на списокот за 2023 година.
На оваа тура бевме заедно со нашата екипа за на планина. И по 10km искачување до врвот, изморени уживавме во преубавиот поглед кој се гледа од врвот.
А Стефан одлучи дека моментот ќе го направи уште повозбудлив, па клекна на колена пред мене со прстен во рака.
Бев возбудена, го гушнав, а останатите веќе сликаа, честитаа. Некој плачеше, а некој уште не знаеше што точно се случува.
Само еден другар од друштвото знаеше за запросувањето, тој бил дел од целата организација околу купување и нарачување на прстенот и организирање на турата.
По моментот на запросување, се спуштивме малку подолу од врвот, на место каде што ветерот не беше толку силен за да можеме да јадеме.
Иако тој дел - појадок со прекрасен поглед од врв на планина по неколкучасовно искачување ми е најомилен (кој планинари знае) - сепак бев возбудена, па веќе не бев гладна.
Целото друштво го направи моментот уште поинтересен и веќе се договоривме за традиционално качување на Плат на тој ден наредна година.