Лила одговара на прашања за дијагнозата: „Ми открија лобуларен карцином тип 2, биопсијата не боли, но е непријатна“
Примаш ли сега лекарства?
„Сега пијам хормонски таблети, Анастразол еднаш дневно. Ќе ги пијам 5 до 10 години“.
Дали за време на и после хемотерапијата беше/си на посебен режим на исхрана?
„Вечната битка помеѓу докторите и нутриционистите. Многу различни мислења. Некои се за потполна промена, некои не.
За време на хемотерапијата јадев сè, а после тоа бев на медитеранска исхрана, а во моментов сум на вегетаријанска. Сепак, секој организам е различен!“
Ги гледам емисиите и се чудам како се однесуваш како ништо да не било, а било, за жал...?
„Во мојата глава е како да не било! И тогаш и сега!“
Освен паѓањето на косата, имаше ли друг негативен ефект од хемотерапијата?
„Секој реагира индивидуално. Знам жени кои поминуваат без никакви нус појави.
Јас со првите 4 циклуси од хемотерапијата имав гадење, имав апетит, но храната ми имаше ужасен вкус и имав силни мигренозни болки 5-6 дена, кои ме врзуваа за кревет. Другите 4 циклуси беа многу полесни“.
Дали планираш реконструкција на градата?
„Отстранет е делот од градата, кој што бил зафатен и секако потребна е реконструкција. Воопшто не ми се брза со тоа, ништо не ми пречи, ниту несразмерноста, ниту големата лузна, битно ми е да сум здрава.
И, секако, не правам ништо без консултација со докторот“.
Какви прегледи правиш, откако заврши со хемотерапија?
„Задолжително е ехо и мамографија на 6 месеци првите две години и пет скен еднаш годишно.
Сето тоа го направив и ми следува нова контрола во јуни. Јас ги правам и кај нас и во Истанбул“.
Прочитајте и Првиот емотивен говор на Лила Филиповска за борбата со ракот: „Плачев само двапати, периодот на дијагноза ми беше најтежок“
С. С. | Црнобело / фото: Инстаграм