Почина Корнелије Ковач, композиторот на најголемите хитови на Здравко Чолиќ - најблиските се простуваат со него
- Детали
- вторник, 13 септември 2022
Во својата кариера ги напиша стиховите на некои од најпознатите песни на Здравко Чолиќ што и ден денес се пеат. Музичарот и композиторот Корнелије Ковач почина денес (13.09.) во 81-вата година од животот. Корнелије е татко на познатите српски пејачки Кристина и Александра Ковач.
Членовите на семејството за српските медиуми потврдиле дека композиторот и музичар починал во 81-та година од животот, а не се соопштуваат точните причини за смртта.
Според Kurir.rs, пред да почине Корнелије Ковач бил позитивен на коронавирус и бил сместен во ковид болницата во Батанјица.
Корнелије ќе остане запаметен како човекот кој ги напиша некои од најголемите хитови на балканот. Меѓу нив се голем број хитови на Здравко Чолиќ („April u Beogradu“,„ Živiš u oblacima“, „Zvao sam je Emili“, „Jedna zima sa Kristinom“,„ Jedina“,„ Mađarica“), на Generacija 5 („Ti samo budi dovoljno daleko“), на Лепа Брена („Janoš“,„ Sanjam“,„ Sitnije Cile, sitnije“).
Корнелије е татко на три ќерки, Александра, Кристина и Ања и има уште еден син што го доби од вториот брак.
Неговите ќерки Александра и Кристина се познати пејачки, а тие двете во текот на вчерашниот ден споделија негови фотографии на Инстаграм.
„Нè напушти најдобриот човек, најголемата музичка легенда што некогаш чекореше на овие простори и некој што засекогаш ја промени историјата на југословенската и српската музичка уметност. Ќе те сакаме засекогаш тато, до ѕвездите и назад“ – напиша Кристина на Инстаграм.
„Мој тајко“ - напиша Александра до неговата фотографија.
Меѓу познатите што се простија од Корнелије е и Пере Нокаут, кој објави повеќе фотки од периодот во кој соработувале со композиторот и напиша:
„Ја имав таа можност и среќа на некој начин да го запознаам,соработувам и научам многу работи за кратко време од еден од најталентираните луѓе што ги познавам.
Корнелије Ковач последен поздрав,нека ти е светол патот и отворно небо.“
Б. С. Б. | Црнобело