Виолета Танчева-Златева, поетеса и лекторка: „Наградите не те прават подобар писател“
- Детали
- четврток, 23 март 2023
„Намалувањето и губењето на писменоста ни е долгогодишен проблем, но со него се соочуваат и многу други земји. Напливот на американскиот јазик е страшен, може да се спореди со цунами кој носи сè пред себе. Безмерно е влијанието на филмовите, песните и спотовите и различните други содржини по социјалните медиуми од англиското говорно подрачје“ - вели во изјава за CRNOBELO.com Виолета Танчева-Златева.
Виолета Танчева-Златева e раскажувачка, поетеса, лекторка, a во продолжението од разговорот ни открива за своето поетско и прозно творештво, за човечката потреба да се биде заглавен помеѓу две крајности на постоењето, како и за писменоста кај помладите генерации и правописните грешки што постојано се прават на социјални мрежи.
Проследете го интервјуто со неа во продолжение:
Неодамна од печат излезе вашата петта прозна книга „Раскази од минатиот век“, по 14 години од последната прозна објава, епистоларниот роман за деца „Шарени писма“. Зошто беше потребно да помине толку време, со оглед на тоа што новообјавените раскази, како што кажува и самиот наслов, се пишувани во минатиот век?
Отсекогаш сум била по малку неодговорна кон своите пишани работи. Во многу папки имам едночудо ракописи што чекаат „заборавени“ со години: песни, раскази, новели, драми, есеи.
Иако е важно напишаното да одлежи за да може да се разгледа од дистанца и малку пообјективно, мене изгледа тој процес на одлежување ми трае малку подолго.
Можеби сум од оние автори на кои им е поважно да го „извадат“ од себе она што тлее во нив и бара да биде запишано.
Од друга страна, во времето во кое се пишувани расказите ми се случуваа големи животни промени: дипломирање, семејство, деца, вработување...
Но сепак, како што се вели и во Библијата, сѐ има свое време, па можеби токму ова време било вистинското за нивното објавување.
Како што истакнува и Лидија Димковска, во „Раскази од минатиот век“ ја бришете границата меѓу стварноста и фантазијата, меѓу светот на секојдневието и светот на очудувањето, меѓу сонот и јавето... Човечка потреба ли е секој поединец да биде заглавен помеѓу две крајности на постоењето?
Сите ние живееме на некоја граница – меѓу желбите и можностите, реалното и надреалното, меѓу денес и утре.
Во расказите сите тие нешта се дадени на еден поизразен или посуптилен начин, низ многу раскажани спомени и приказни.
Не случајно првите два циклуса во книгата се именувани „Меѓу сонот и јавето“ и „Лица и наличја“. На границата меѓу сонот и јавето се случуваат заумни, метафизички работи, се случува нашата средба со себе некогашните и себе идните, како и многу значајното, макар потсвесно осознавање на сите можности што лежат неискористени во нас.
Освен тоа, писателот живее и со убавото проклетство на „двоен“ живот: реалниот и оној што се одвива во неговата глава.
Тоа постојано реење меѓу две крајности не е потреба, едноставно така сме создадени, вечно да бидеме незадоволни од она што сме и да се стремиме кон ново и поубаво. Но, тоа е и нужен услов за да можеме да созреваме и да напредуваме.
Во своите раскази пишувате, меѓу другото, за потеклото, селската (не)идила, градската сцена, растењето, мајчинството, ранливоста на човечкото битие, заборавот, животот како пат без станица за одмор, злото и добрината. Какви спомени се отворија пред вас во моментот кога ги подготвувавте приказните за објавување?
Прво бев зачудена од обемот на материјалот од кој требаше да се направам избор, како и од темите за кои сум пишувала тогаш, пред триесетина години. Бидејќи е невозможно авторот да избега од автобиографското дури и кога пишува за сосем други работи, повторно се најдов очи во очи со сите работи што ми се случувале во тој период, сѐ за што сум размислувала, што ме погодувало и болело.
Особено во циклусот „Егзистенцијалистички“ преовладува себепрeиспитувањето.
Во циклусот „Лича и наличја“, пак, има многу животни приказни на луѓе со кои сум се среќавала во тој период и кои на некој начин ме обележале.
Чудна беше таа средба со луѓе со кои ни се разделиле патиштата, но и со себе некогашната, која веќе го напуштила тој предел и излегла од минатото.
Не случајно за корицата е избрана сликата на Никола Пијанманов „Напуштениот храм“.
Какво беше чувството да се сретнете со своето минато јас препрочитувајќи ги своите стари раскази за да ги подготвите за печат? Колку ви недостига таа Виолета и колку е променета оттогаш до денес? Колку е променет начинот на живот од крајот на минатиот век до денес?
Секој човек се кае за нешто во животот, се срами од некои свои однесувања и посакува да постапел поинаку во одредени ситуации, да кажал или да премолчил нешто, да донел поинакви одлуки.
Тоа го видов и кај себе, во многу од расказите од циклусот „По нишките на детството“.
Но, сето тоа е неопходно за нашето духовно растење. По три децении, гледам дека сум многу променета токму благодарение на нештата што тогаш ме мачеле. Но, суштината останала иста.
Животот е многу променет за овие два-триесет години. Тогаш расказите сум ги пишувала на машина за пишување, подоцна ги имам внесувано во компјутер, па среќа некои што ги немав на хартија ги имав снимано на дискети што еден пријател со стар компјутер успеа да ги отвори и да спаси нешто.
Во моето детство селото беше вистинско село, се чуваше стока и живина, се работеа сите ниви и се живееше од земјоделието.
Сега селските куќи се речиси градски, сѐ се купува од продавница и луѓето работат многу помалку, или одат во странство.
Но, во очите на милениумците, ние од минатиот век сме старомодни.
Како што убаво забележа Елизабета Баковска во својот прониклив промотивен осврт за „Раскази од минатиот век“: „...ние сме оние што родените во овој век ги гледаат како старомодни и носталгични.
За нив, ние сме често оние што паметат премногу, оние што му се опираат на новото време.“
Како на некогашната Виолета ќе ѝ честитате што нејзините приказни напишани во минатиот век сега излегоа од печат и си го наоѓаат своето место меѓу читателите? Што би ѝ кажале денес, а посакувате да сте го знаеле тогаш?
Би ѝ рекла дека вределе сите прочитани книги, сите разговори, сите скици и испишани тетратки, сето крадење од сонот за да се запише она што трепери во градите.
Би ја охрабрила да му верува на својот инстинкт и да продолжи да пишува, зашто токму во тие моменти е најсвоја. И би ѝ порачала да верува повеќе во себе.
Во Македонија сте особено препознатлива по вашата поезија, која длабоко проникнува во суштината на постоењето и зборува за времето, испреплетувањето на минатото и сегашноста, актуелните движења во светот, како и за недостигот и копнежот, неопходноста од добрина и љубов... Колкава е тежината да се преточат сопствената (лирска) вистина и своите размислувања во само неколку стихови и строфи?
Поезијата е сублимирана вистина. За да се стигне до неа треба умешност со малку да се каже многу.
Тоа го овозможува дарбата, но исто така и искуството, степенот до кој е совладан поетскиот занает.
Секако, многу важно е и читањето и постојаното себенадградување.
Додека пишувам, јас не размислувам многу што сакам да кажам со песната и каква порака треба да пренесам, едноставно само ги запишувам стиховите што „доаѓаат“.
Тоа е чудо на создавањето, кога нешто бликнува во вас и ве тера да го запишете.
Како што вели Блаже Конески, тоа е „порив кој за смисла не прашува“.
Но во суштина, она што јас го мислам, чувствувам, живеам, болувам – им е својствено на сите луѓе, па оттука доаѓа и препознавањето во стиховите.