Дизајнерот Мите Занов: „Надица Георгиева и Каролина Гочева ми се синоним за женственост, Сара Јо со години купува мои креации“
Твоите дизајни важат за уникатни, но и лесно препознатливи, особено корсетите како да ти се заштитен знак. Дали е тоа парчето облека што ѝ дава најдобар изглед на женската фигура па затоа го преферираш?
Корсетите како парче облека, отсекогаш ми биле најинтригантен, а воедно и најкомплициран сегмент во облеката. Како љубител на француската висока мода, секогаш сум се воодушевувал на дизајнери кои вметнувале корсети во своите колекции.
Можеби затоа и во естетиката на ЗАНОВ, доминира таа форма на песочен часовник, а за тоа неминовен дел се корсетите со кои се дефинира таа силуета.
Уште од студентските денови корсетите беа дел од моите колекции и затоа ми е драго што на некој начин станаа заштитен знак за мојот бренд.
Што е ин во модата оваа сезона, од бои, модели… Што се враќа, а што си оди?
Иако не ги пратам модните трендови, професијата ми налага да прочитам, да ги следам ревиите и колекциите на модните брендови и куќи кои ги диктираат светските модни трендови.
Оваа сезона се враќаат струкираните палта и мантили, јаките бои, денимот во секаква можна варијанта, еко-кожа и моторџискиот изглед. Дел од овие трендови постојат и се провлекуваат низ години.
Остануваат и класичниот остар крој на панталони и здолништа долги до земја. Во мода се враќа скулптурален и масивен накит. Корсетите се повторно актуелни, без разлика дали се носат како облека или моден додаток.
А од мода си одат преелегантните фустани, чипки и пулејки. Чипката е повторно актуелна ама во посмирена и понежна варијанта, припаѓајќи во бохо стилот.
Роден си во Валандово, но кога се пресели во Скопје, како се привикна на животот тука? Дали уште како дете знаеше дека сакаш да бидеш дизајнер?
Роден сум во Струмица, но до свои 18 години живеев во Валандово, а за време на студиите и по нив останав да живеам и да работам во Скопје.
Привикнувањето на животот тука беше сосема природно и спонтано, а студирањето моден дизајн беше сосема очекувано затоа што тоа буквално отсекогаш ме влечело, инспирирало, мотивирало. Друг избор никогаш не постоел. Отсекогаш сум сакал да бидам дизајнер.
На 14 години научив да шијам на машина, а моето стручно образование го стекнав на универзитетот Фон, каде што благодарејќи на професорите и тогашниот кадар, работевме на голем број проекти, изложби и ревии, што дополнително ми ја даде жарта за оваа професија.
Од денешен аспект, колку си горд на себе и тоа што го постигна досега?
Пресреќен сум и горд затоа што ми се оствари детскиот сон да бидам тоа што сум денес, да создавам, да имам свој бренд и луѓето да ги носат моите креации.
Сето ова е резултат и на многу труд, работа, љубов и пасија кон модата но и вложување во секаква смисла на зборот.
Но, најсреќен сум што продолжувам да го живеам сонот, без разлика на сите падови и подеми. На крајот на денот, јас сум човек кој е создаден да создава.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело