Дизајнерот Мите Занов: „Надица Георгиева и Каролина Гочева ми се синоним за женственост, Сара Јо со години купува мои креации“
- Детали
- петок, 17 март 2023
„На 14 години научив да шијам на машина. Друг избор никогаш не постоел. Отсекогаш сум сакал да бидам дизајнер. Не секогаш е потребно да се следат светските модни трендови, но Оваа сезона се враќаат струкираните палта и мантили, јаките бои, денимот во секаква можна варијанта, корсетите, еко-кожа и моторџискиот изглед“ - вели за CRNOBELO.com Мите Занов од Валандово, кој направи моден спектакл со Сара Јо во прв ред на неговата ревија неодамна.
Македонскиот дизајнер Мите Занов (33) неодамна ја претстави својата нова колекција „Ноктурнал“, која е тринаесетта колекција во неговата кариера. На ревијата, освен креациите, вниманието на публиката го привлече и српската пејачка Сара Јо, која седеше во првиот ред.
Сара Јо на ревијата на Мите Занов беше облечена во црн фустан со раскошен шешир, еден од последните модели на Занов. По ревијата му честиташе на успехот и не штедеше комплименти за македонскиот дизајнер преку социјалните мрежи.
Мите Занов, кој е роден во Струмица, детството го поминал во Валандово. Уште како дете знаел дека модата ќе му биде повеќе од хоби, па на 14 години научил да шие на машина за шиење, а потоа се запишал на Факултетот за дизајн и мултимедија и дипломирал на отсекот Моден дизајн.
Оттогаш е постојано присутен во модниот свет - со ревии на Моден викенд Скопје, но и преку соработките со дамите од македонскиот јавен живот, за кои често креира.
Во интервју за CRNOBELO.com Занов открива интересни детали од својата професија, но споделува и модни совети и грешки...
Што те инспирираше за дизајните и за името „Ноктурнал“, но и колку креации имаа во оваа колекција, која неодамна ја претстави?
Колекцијата „Ноктурнал“ е приказна преку која се раскажува патот до исцелувањето. Сите ние во одреден момент од животот сме имале некакво трауматично искуство, кое променило премногу во нашиот карактер и во секојдневието. Емоции, фрустрација, гнев, страв и тага се само дел од тоа низ кое поминуваме во тој период.
Она што го доживуваме на ваквото патување можеби не е секогаш убаво, но нè учи и ни носи моќна енергија што се издигнува и ни помага да одиме напред.
Значењето на зборот „ноктурнал“ е дејство што се случува навечер, или активност во доцните часови, што метафорично е поврзано и со тематиката на самата колекција.
Тие неубави чувства и емоции кои ги искусуваме во таков момент се најгласни навечер, кога сме сами со себе.
Колекцијата содржи 20 изгледи и секоја од нив носи посебна емоција, која го отсликува тој процес кој се движи циркуларно – од ден во ноќ и повторно во ден: од бело до црно и повторно бело; од добро до лошо и повторно добро.
Тоа е нераскинлива врска без која не можеме.
Задоволен ли си од првите реакции и на публиката и по социјалните мрежи?
Реакциите по ревијата се повеќе од позитивни. Презадоволен сум од посетеноста на настанот, а и од реакциите на социјалните мрежи. Среќен сум и горд што успеав да ги реализирам оваа колекција и ревија баш како што ги замислував од самиот старт, а позитивните коментари ме мотивираат уште повеќе да се трудам и да го работам тоа што го сакам и најдобро што знам и умеам да го правам.
Мислам дека сите беа изненадени кога во прв ред ја видоа Сара Јо во твоја креација. Како почна пријателството со неа? Прифати ли на прва да дојде во Скопје за да ти биде гостинка?
Сара прво е една прекрасна личност, огромен пријател и најважно од сè добар човек. Професионалец којшто со право го заслужува секој успех што го доби последниве години. Нашето пријателство почна пред неколку години, на фотосесија за наше списание, каде што таа носеше мои дизајни.
Иако тогаш лично не се запознавме, зашто фотосесијата се одвиваше во Белград, воодушевена од моите модели, ме заследи и ме исконтактира за да изрази почит и да ја пофали мојата работа.
Оттогаш па сè до лани, нашата комуникација се одвиваше само преку Инстаграм, каде што обострано се поддржувавме за тоа што го работиме.
Неколкупати нарача и си купи мои креации. Лично се запознавме минатата година, кога на нејзиниот концерт во Скопје носеше мој дизајн и таа средба беше повеќе од доволна за нашето пријателство и соработка да се интензивираат уште повеќе.
Кога ја поканив на ревијата, не знаеше дали ќе успее да дојде поради нејзината агенда, но после ден-два ми се јави да ми потврди, а јас навистина се израдував. Едно затоа што имавме преубав настан и прилика да се видиме по шест месеци, а второ што, ете, првпат дојде како гостинка на мојата ревија.
Потоа продолжи комуникацијата што ќе носи, како ќе се појави и секако, ѝ се направи дизајн по мерка во склоп на актуелната колекција.
Освен со Сара, со кого сè соработуваш од дамите во јавниот живот кај нас?
Сум соработувал со голем дел од дамите во јавниот живот кај нас, но ете ќе ги издвојам последните соработки од изминатата година: Јана Бурческа, Теа Трајковска, Тамара Ристоска.
На мое огромно задоволство тука е и најновата соработка со Франка Бателиќ, хрватска пејачка и модна икона, која ќе носи мои креации на шоуто „Ples sa zvezdama“ каде што е дел од стручната жири-комисија.
Како се случи соработката со Франка, која пред неколку години ја претставуваше Хрватска на Евровизија? Ве спои Сара со која имаа заедничка песна?
Соработката со Франка се случи сосема случајно. Ме исконтактира нејзината стилистка, Јасенка Тудор Беванда, која всушност беше и стилист за видеото за заедничката песна со Сара „On“.
Сара уште тогаш ме претставила, кој сум, како работам и им ги покажала моите креации.
По тоа снимање, чекале прилика да ме исконтактираат за соработка, зашто Франка се повлече од сцената поради нејзината втора бременост.
Всушност, првата епизода во која таа носи моја креација, е нејзино прво појавување во јавноста по бременоста и ми е повеќе од драго што за таков момент и настан решија таа да носи мој модел.
Златниот фустан е од претпоследната колекција Limelight, кој иако веќе беше продаден, специјално се изработи за неа за овој настан. А бидејќи шоуто има 12 епизоди, Франка ќе се појави и во други мои креации.
Тешки ли се јавните личности за соработка? Имаат нереални барања или лесно се наоѓате? Постои ли некоја со која не можеш да се разбереш, па си ја одбил?
Напротив, како дизајнер сум секогаш расположен и отворен за соработки, дури и навистина ми е драго што голем дел од тие професионални соработки, со текот на годините прераснале во искрени и вистински пријателства, што траат до ден денес.
Нормално, со текот на годините, но и како луѓе не секогаш секој ни одговара, како приватно така и професионално. Дали се работи до различна енергија или различна естететика, сами одбираме со кој соработуваме и сме опкружени.
Според тебе, која Македонка има најдобар стил на сцената, а на која ѝ е потребен стилист за да го смени изгледот на сцена?
Како јавни личности, по дефиниција и по правило на секој му е потребен стилист, па дури и на оние кои имаат стил и знаат како да се носат.
За најдобар стил, неблагодарно би било да издвојам една или две, зашто со голем дел од нив соработувам. Но би ги споменал Надица Георгиева и Каролина Гочева, кои за мене се инспирација за вечна елеганција и женственост.
А како би го опишал стилот на жените во Македонија? Колку нашите дами ги следат светските трендови?
Генерално кажано, секогаш има простор за напредок. Секоја чест на исклучоци кои навистина имаат изграден стил и се издвојуваат.
Не секогаш е потребно да се следат светските модни трендови, затоа што животот и самата мода, веќе толку се брзи, што трендовите се менуваат од сезона во сезона.
Најважното е секоја личност да знае точно што ѝ прилега, во што се чувствува најдобро и сето тоа да го носи со стил, а не облеката да ја носи неа.
А твојот личен стил? Како би го опишал него? Креираш сам за себе?
Ретко креирам за себе, зашто време да искреирам или сошијам нешто за себе никогаш немам, но и затоа што се класифицирам како дизајнер за женска облека.
Мојот личен стил, би го дефинирал како минималистички, без екстравагантност и драма, за разлика од тоа што го креирам и јас гледам да носам нешто што ми прилега, нешто во кое се чувствувам удобно. Светски трендови не следам, но ако нешто ми се допаѓа и мислам дека ми одговара, го вклучувам во мојот гардеробер.