Снежана Матовска: „На мојот син Цако (32) на 3 месеци му дијагностицираа Даунов синдром, но заврши факултет, вработен е, а имал и љубовни врски“

Која ви е омилена заедничка активност?

Слободно можам да кажам дека и такви има многу. Да патуваме заедно, да гледаме телевизија, да си седнеме во кафеана на Цезар салата и пијалак, и особено навечер да си направиме мезенце и да си ставиме по чашка винце, а Цако да ми приредува музички коктел, за кој смета дека е погоден баш во тој момент и во тогашното наше расположение.

Чинам дека досега нема направено погрешен избор. Секогаш ме погодува во душа и јас навистина уживам во тие вечери.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-02_1.jpg

Што го вознемирува најмногу Цако? Како реагира на нови познаници, со кој член од семејството, покрај тебе, се чувствува најдобро?

За тоа што го вознемирува Цако најдобро е да го прашате него. Јас како мајка можам да кажам дека се тоа вообичаени работи кои би вознемириле секого. И мене и вас. Нема нешто што може да се издвои, а кое е врзано со синдромот.

Цако ужива во нови познанства и еден добар дел од нив и сам си ги создал. Тој, наједноставно, ги сака луѓето и луѓето го сакаат него. Сака да комуницира, да разменува мислења, искуства и тоа го прави многу вешто, со цело свое срце.

Што се однесува до членовите на семејството, тој подеднакво се чувствува добро со секој еден од нас. Со секого си има по нешто заедничко, па така на пример со татко му многу сака да дискутира и да филозофира за разни теми.

Мене ми се понекогаш баш и досадни, но очигледно дека тие двајца си уживаат во тоа.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-15.jpg

Преземавте многу чекори за поттикнување на развојот кај Цако – кои се тие?

Навистина многу. Прво и основно останавме во сложен брак, без да се обвинуваме за настанатата ситуација еден со друг.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-25.jpg

Создадовме едно големо, сложно, петочлено семејство, кое гордо чекореше и чекори низ животот и секојдневните случувања, давајќи си поддршка еден на друг, кога и да било тоа потребно.

Второ, кон Цако постојано имавме рамноправен третман исто како со другите две деца, без да дозволиме да го лигавиме или сожалуваме затоа што е роден со Даунов синдром.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-12.jpg

Трето, не го затворивме дома, туку го отворивме пред светот и светот го отворивме за него, без да се срамиме, без да го прикриваме или негираме. И тоа како бумеранг ни се врати со позитивна енергија.

Четврто, го вклучивме во сите достапни воспитно-образовни процеси во рамките на редовното школување, ангажиравме логопед, го вклучивме во сите спортови за кои тој покажа интерес и желба, го „фрливме“ во оганот на животот со сите негови убави и лоши моменти, да се бори и изборува самостојно или со наша поддршка.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-17.jpg

Имате ли семејна историја на Даунов синдром?

Не, немаме.

Познаваш ли други родители со деца со Даунов синдром? Постои ли некое здружение за поддршка?

Да, познавам многу семејства кои имаат деца со Даунов синдром и секогаш сум бил отворена за соработка со нив, споделување на моето искуство и размислувања, методи на работа и слично.

Има повеќе друштва не само во Скопје, туку и во нашава земја кои се во функција на поддршка на лицата и семејствата со деца со Даунов синдром, кои преземаат низа активности во подобрување на нивната положба во општеството и секојдневниот живот.

Тука би ги одвоила како пример здруженијата Дневен центар доза среќа, Трисомија 21, Ластовица, Вера од Струмица, Специјалната олимпијада Македонија, Ресурсниот центар и многу други.

Тука се и инклузивните танцови студија, како што се Денсерс јунајтед и Еурека, тука е Колектив Ветерница, Аутизам МК и други.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-05.jpg

Те нарекуваат мајка кралица за сета пожртвуваност и борба, колку труд беше потребно за да го направиш Цако едно препознатливо и инспиративно лице во Македонија?

За да едно лице биде направено препознатливо и инспиративно, потребно е секако многу труд. Но, во случајот со Цако, тоа не е само мој труд, туку е и труд на целокупното семејство и нашата околина, а секако и на самиот Цако.

Секој еден од нас, секој на свој начин и со свои заложби и активности дал придонес во развојот на Цако и тоа што тој е денес.

Сите ние сме по едно камче од неговиот мозаик. Тоа сте и вие во моментов, затоа што со овој прилог поттикнувате и на размислување и на делување, а сето тоа води напред.

А, што се однесува до титулата Мајка кралица што ми ја доделивте, нема да се бунам. Таа ми предизвикува убаво чувство и гордост и ќе ми биде задоволство да ја носам и во иднина.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-08.jpg

Како изгледа животот на Цако денес? Има ли партнерка?

За животот на Цако денес опфатив делумно и во моите претходни одговори. Тој е младо, 32-годишно момче, кое е вработено и исполнето со многу активности.

Работните денови му се на релација дома, работа, дома.

Вечерите и викендите му се исполнети со часови по танц и многу патувања во земјава и Европа, реализирани токму преку танцовиот клуб, читање, гледање телевизија, одење во кафеана/кафуле, во играње со неговите внуци Ангел и Петар, прошетки, вежбање во клубот Бранимир и Бранкица и така.

Во моментов нема партнерка. Пред некоја година тоа му беше Флоренс, ќерка на Британскиот амбасадор во Македонија, но со истекот на неговиот мандат и таа се врати назад во Англија.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-02.jpg

Еден период партнерка му беше Ирена, млада девојка од Србија, исто така со Даунов синдром како и Флоренс, и со неа помина два – три одмора на море. Со Ирена и сега знаат да се слушнат и да се допишуваат, но немаат физички средби.

Морам да истакнам дека кај нас, за жал, прашањето за партнерка е голема табу-тема. Родителите се плашат да им го овозможат и дозволат тоа на своите деца со попреченост.

Добар дел од нив не сфаќаат или не сакаат да се соочат со фактот дека и на овие деца и млади луѓе им треба партнер и љубов, ако ништо повеќе барем за дружба и разговор, за излегување во кино, театар, на концерт, како што тоа го правеа Цако и Флоренс.

Да не говорам, пак, за брак или за засновање семејство како што има примери во западните земји. Ако само помислам на секс или не дај Боже го изговорам тоа, веројатно ќе предизвикам лавина од негодувања и ќе бидам „каменувана“ од повеќето.

Можеби ова што сега го кажувам требаше да биде дел од одговорот на прашањето за тешките мигови.

Сепак, познавајќи го Цако и фактот дека тој е дете родено под среќна ѕвезда, не би се изненадила да ја надмине и оваа ситуација. Да оставиме времето да покаже.

snezhana-matovska-na-mojot-sin-cako-32-na-3-meseci-mu-dijagnosticiraa-daunov-sindrom-no-zavrshi-fakultet-vraboten-e-a-imashe-i-ljubovni-vrski-19.jpg

Продолжува на следната страна...


Би можело да ве интересира:

Сања е самохрана мајка со своја фарма во с. Четирце: „Мотив за бизнисот ми беше мајка ми да не се см... „Порано бев осудувана што сум самохрана мајка. Осудите беа од типот дека тоа сум...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Тони Зен за татковството: „Синот Јасен ме смени на подобро“ „Со Јасен сме како другари. Ако не оди во градинка, цел ден сме заедно, башка и ...
Успешни мајка и ќерка: Катарина има врвни тениски успеси, а мајка ѝ Слаѓана е жена претприемач „Мојата мајка е столбот кој стои зад секој мој успех. Таа секогаш се грижеше да ...
Марија Шерифовиќ за CRNOBELO: „Сите мајки за своите деца велат дека се најмили, ама мојот син е љубо... „Откако станав мајка веќе немам време да се релаксирам, сфатив дека ова е хаос и...
Благица Зикова, мајката на штипската четворка: „Трошиме по 25 пелени на ден, бебињата се мирни и спи... „Најтешко ми беше кога бев сама и немаше кој да ми помогне, па морав да ги храна...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg