Лола Милковска студира луксузен менаџмент во Франција: „Запознав директори на Chanel и Dior, професорите не бараат да ги персираме“
- Детали
- четврток, 30 март 2023
„Имав можност да присуствувам на неколку саеми каде што запознав многу луѓе. На сите од нив беа директори на познатите марки како Chanel и Dior. Да се живее во Бургундија значи да се живее во област полна со традиција, историја, култура. Дижон е романтичен град, не може да се спореди со Париз во големина, но сепак си има свои вредности“ - вели во интервју за CRNOBELO.com Лола Милковска која во моментов студира луксузен менаџмент во Франција.
Лола Милковска од Куманово, по завршување на Инженерство на материјали и нанотехнологија ги продолжува своите мастер студии во Дижон, Франција на отсек – луксузен менаџмент и иновации.
Иако двата факултета не се тесно поврзани, таа вели дека сепак постои начин овие две гранки да се соединат во одредени индустрии.
Најново хоби ѝ е дегустација на вино и шампањско. Иако пред да се пресели во Франција не била голем љубител на вино и генерално на алкохолот, но по неколку месеци живот во Дижон ѝ се допаднала идејата секој ден да пие по една чаша бело вино.
Во продолжение следува разговор со Лола Милковска која ни раскажува за нејзините студии, за Дижон и како е да се живее во регионот Бургундија.
Како патот те одведе во Дижон?
За Дижон имав слушнато многу малку, знаев само дека се наоѓа во област каде што се произведуваат едни од најдобрите вина во светот и, нормално, по дижон сенфот, но ништо повеќе од тоа.
Отсекогаш сум посакувала да имам прилика да студирам луксузен менаџмент и иновации, па, по неколку интервјуа со одредени факултети, се одлучив за BSB (Burgundy School Of Business), затоа што ми остави најдобар впечаток.
Студираш луксузен менаџмент и иновации, какви можности постојат на професионален план по завршување на студиите?
На професионален план по завршувањето на студиите постојат повеќе можности во луксузната индустрија каде што повеќето компании преферираат познавање на француски јазик како и претходно искуство во луксузниот сектор, дури кога аплицираш и за пракса.
Мојот фокус моментално не е ставен на Франција, но никогаш не се знае што може да се случи.
Каква е комуникацијата со професорите и студентите на факултетот?
Комуникацијата со професорите е на одлично ниво, тие се професионалци во права смисла на зборот и од нив може многу да се научи.
Секогаш расположени да помогнат, не сакаат ние студентите да ги персираме (што за мене беше многу чудно на почетокот), отворени се за дискусија и за консултации во секој момент, било во живо или пак преку мејл.
Односот со колегите исто така многу ми се допаѓа, вкупно сме 40 од кои 20 се интернационални, а 20 се Французи.
Понекогаш на Французите тешко им оди комуникацијата на англиски јазик, но сепак ги почитувам и ми се допаѓа групата во којашто сум.
Како ти изгледа еден обичен ден во Дижон?
Доста напорно. Во првиот семестар имав многу задачи, проекти и на моменти ми се чинеше дека немам време за ништо друго, но за среќа успеав сè да завршам на време.
Но, кога почна вториот семестар, сфатив дека првиот па и не бил толку тежок, затоа што во моментот работам на 5 групни проекти, 3 индивидуални и ја пишувам мастер тезата така што и немам многу време да излегувам секој ден.
Да се живее во регионот Бургундија кој е познат по бургундското вино – бургоњ, е посебно доживување. Имаше ли прилика да посетиш различни винарии и да дегустираш винa кои се наоѓаат во таа област?
Да се живее во Бургундија значи да се живее во област полна со традиција, историја, култура.
Имам посетено до сега 3 винарии, имам дегустирано повеќе вина од кои најголем впечаток ми оставиле белите вина коишто се прекрасни, иако Pinot noir е најпознатото вино од Бургундија, сепак не сум љубител на црвените вина.
Но, мора да го истакнам фактот дека првпат оваа година пробав Kir, бело вино (Aligoté) + Crème de casis, или пак Kir Royal каде што наместо вино се става шампањ или пак Cremant и го обожавам.