Пајак, по хит песната со Антониа која достигна 1 милион прегледи: „Сите песни ми се автобиографски, љубовниот живот ќе го оставам во приватноста“
- Детали
- недела, 12 февруари 2023
„Антониа за соработка е добра, знае одлично да се снаоѓа во тоа што го прави, а за песната не очекував однапред да стане хит. Српските изведувачи како и сите музички изведувачи се кул, но јас лично најмногу се инспирирам од европски артисти“ - вели во интервју за CRNOBELO.com Пајак (22), кој е ѕвезда помеѓу помладата публика во Македонија, а нема кој не ги слушна рефрените на „Bella“ и „Хабиби“.
Христијан Настески (22) од Охрид, познат по сценското име Пајак, е македонски трап артист кој помеѓу помладата публика е веќе ѕвезда, но со својата музика и нови соработки, успева да стигне и до повозрасните.
По хит-песната со Лара Иванова, „Bella“, која на сите веднаш ни влезе во глава, направи уште една соработка, овојпат со Антониа Гиговска со која со песната „Хабиби“ успеаја да достигнат до 1 милион прегледи на YouTube.
„Хабиби“ стана хит и на ТикТок каде младите го прифатија предизвикот да танцуваат на песната, а по големиот успех, поразговаравме накратко со Пајак за неговата кариера.
Освен овие две песни, тој во својата неколкугодишна кариера има повеќе песни, чиј автор на текстовите е токму тој, а споделува дека сите му се автобиографски.
Во продолжение, Пајак за CRNOBELO.com открива...
Зошто Пајак? Како дојде до ова сценско име?
Уште пред да станам познат, на другарите им се обраќав со Пајак. После одредено време почнаа да ме викаат мене Пајак и така тоа ми остана како прекар и одлучив да го користам како уметничко име.
Кога почна да се занимаваш со музика и колку беше тежок патот? Кој ти е најголема поддршка?
Со музика посериозно почнав да се занимавам од мојата 17-та година, но уште од мали нозе сум бил заинтересиран кон музиката. Најголема поддршка ми е фамилијата.
Очекуваше ли дуетот со Антониа да стане хит за 24 часа?
Па искрено никогаш не сум одел со помисла дека песната што ќе ја извадам ќе биде хит, едноставно правам музика со цел да ѝ се допадне на публиката, а тоа дали ќе ја прифатат оставам на нив.
Каква е Антониа за соработка? Со кој од колегите ти е најдобра соработката, а со кој најтешка но сепак успешна?
Антониа за соработка е добра, знае одлично да се снаоѓа во тоа што го прави исто како и за оваа соработка заедно. Со сите што сум соработувал сум имал прекрасно искуство, а за најтешка соработка уште не сум дошол во пресрет.
Се инспирираш ли од српските изведувачи во новиот бран на музика? Кои изведувачи ги цениш?
Српските изведувачи како и сите музички изведувачи се кул, но јас лично најмногу се инспирирам од европски артисти.
Колку често имаш настапи? Те препознаваат ли младите? Настапуваш ли надвор од Македонија?
Често имам настапи моментално само низ Македонија, а се надевам дека во поскоро време ќе се почнат и соработки надвор од Македонија. Младите ме препознаваат.
Раскажи ни некоја интересна случка со обожавател/ка или од настап...
Сите настапи што сум ги одржал биле со прекрасна енергија и публика, а интересни случки или некои дешавки сè уште не ми се случиле.