Фиданка од Скопје изработува икони: „Работниот ден ми започнува со молитва, најголем предизвик ми беше сликањето на Тајната вечера“
- Детали
- недела, 29 јануари 2023
„Додека изработувам икони целосно сум внесена во работата, а работниот ден го започнувам со молитва – тоа ми внесува мир. За изработка на една икона потребни ми се 3-4 дена, а најголем предизвик ми беше изработката на ’Тајната вечера‘“ – вели за CRNOBELO.com Фиданка Петковски која веќе 9 години изработува икони, а овојпат ни откри нешто повеќе за тоа како почнала да се занимава со тоа и кои се предизвиците со кои се соочува при работењето.
Од каде желбата да се изработуваат икони, колку постои простор за креативност во изработката на сликите од светците и како изгледа процесот на нивна изработка? Ова се некои од прашањата на кои уметницата Фиданка Петковски одговара во интервјуто за CRNOBELO.com.
Нејзиното име често се споменува на социјалните мрежи кога се зборува за уметниците што изработуваат икони, а Фиданка (43) вели дека со ова почнала да се занимава сосема спонтано.
„Желбата постоеше, меѓутоа ми требаше поттик. Секогаш во себе ја имав креативноста и ми требаше време за да ја реализирам. Првата икона што ја изработив беше на ќерамида со ликот на Свети Илија. Ова веќе го работам девет години“ – вели таа.
Низ нејзините вешти раце досега поминале голем број икони што се наоѓаат во домовите на нејзините задоволни клиенти, а за тоа дали постои простор за уметничка креативност при изработката на икони таа вели:
„Во изработката на икони постојат правила. Кога се изработува една икона секогаш се води сметка ликот да остане оригинал.
Креативноста може да се изрази во украсување на позадината која може да се изработи како да е иконата многу стара, формата на иконата, употреба на златни ливчиња и други материјали кои се користат во декупаж техниката. Времето за изработка на една икона зависи од димензијата на иконата и барањата на клиентите, но во просек од 3-4 дена.“
Освен икони Фиданка изработува и дрвени скулптури и персонализирани вина, а најчесто за изработка на своите уметнички дела го користи дрвото.
„Иконите што јас ги изработувам се во декупаж техника (лепени), но се доцртувани со акрилни бои и украсувани со златни ливчиња и контур пасти.
Во оваа техника се изработуваат слики во трансфер техника – најчесто се користат салфетки, а исто така изработувам дрвени скулптури и персонализирани вина“ – вели таа.
Оваа млада уметница открива дека поривот за творење икони доаѓа „одвнатре“ и иако од овие изработки не може да се живее, тоа е добра дополнителна работа што ѝ внесува мир.
„Желбата за внатрешен мир – можеби тоа беше поттикот за да почнам да изработувам икони. Додека изработувам целосно сум внесена, но пред да почнам со работа почнувам со молитва – тоа ми внесува мир и полесна ми е работата“ – открива таа.
Македонците се секогаш заинтересирани за купување икони за своите домови, а најбарани се иконите на Богородица, Исус, Свети Никола, Свети Архангел Михаил, Света Петка и други кои се поврзани со имињата на луѓето.