Цветанка (36) од Битола е бодибилдерка и мајка на две деца: „Сопругот ми е најголема поддршка“
- Детали
- понеделник, 12 декември 2022
„Подготовките за еден натпревар во бодибилдинг траат 3-4 месеци. Избегнувам да јадам во ресторан, целата храна ја приготвувам дома, а овој професионален спорт не само што бара пожртвуваност и дисциплина, туку и добра финансиска потпора која не секој може да си ја дозволи“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Цветанка Огненовска Аврамовска, фитнес сензација и мајка на две деца.
Мајките честопати велат дека немаат време за вежбање затоа што се посветени на нивните деца, а Цветанка Огненовска Аврамовски (36) од Битола ги руши стереотипите во тој поглед. Таа е сопруга и мајка на две дечиња на возраст од 4 и 5 години, а на нејзиниот Инстаграм профил редовно споделува фотографии кои мамат воздишки.
Цветанка Огненовска Аврамовски, по професија е дипломиран преведувач од албански на македонски јазик и обратно, со диплома од Филолошки Факултет-Скопје, како и магистер по економски науки, а работи како фитнес тренер и инструктор.
Во интервју за CRNOBELO.com Цветанка открива повеќе за себе, за тоа колкава пожртвуваност и труд е потребно за да се постигне тело како нејзиното, но открива и повеќе совети за младите девојки што би сакале да се занимаваат со овој спорт:
Кога почна да се занимаваш со бодибилдинг?
Љубовта кон фитнесот ми се јави уште во факултетските денови, пред околу 12 години кога првична цел ми беше да намалам вишок на килограми кои ги добив после операција на кила, но со текот на времето како сè повеќе навлегував во овој спорт, со менување на самиот начин на исхрана и стекнување на самодисциплина ми стана и мој начин на живот.
Можеш ли да ни појасниш што подразбира бодибилдингот?
Бодибилдинг е во суштина изградба на телото како што кажува и самиот збор. Бодибилдингот како спорт во суштина означува изградба на максимум мускулна маса со минимум поткожни масти и симетрично и пропорционално распоредени.
Сите категории како фитнес бикини, men’s physique, classic physique произлегуваат од бодибилдинг и се измислени се со цел да биде поприфатливо за луѓето, да биде погледано од луѓето и да биде повеќе mainstream (како идеја, став или активност да се смета за нормално или конвенционално; доминантен тренд во спортот), но и со намера што повеќе луѓе да се занимаваат со овој спорт.
Со бодибилдинг не се занимаваат само мажи туку и жени, кој како спорт е преекстремен за поголем број на луѓе.
Колку часови дневно поминуваш во теретана?
Мојот тренинг се состои од тежински тренинг кој го изведувам 4 до 5 пати неделно со времетраење од 1,5-2 часа и кардио тренинг кој го правам 3 пати неделно со времетраење од 20 минути.