Мирослав Митрашиновиќ: „Да се биде балетан е макотрпна, но прекрасна работа - го работам тоа веќе 15 години“
Колку часови на ден траат пробите?
Работниот ден ни започнува со специјални кондициски вежби на којшто го будиме и загреваме телото. Тие не траат подолго од час и половина.
Потоа во зависност од тежината на претставата и улогата која се изучува и вежба, пробите можат да траат и по неколку часови со повремени паузи.
Си имал ли повреди досега и какви?
Досега сум имал неколку повреди кои брзо биле санирани, но една ми била потешка кога го скршив скочниот зглоб.
По заздравувањето ми беа потребни цели шест месеци да се вратам во идеална физичка форма и да стапнам повторно на сцена.
Што е тоа кое балетаните го чувствуваат, а публиката не го знае?
Публиката не ја знае нашата макотрпна работа додека се подготвуваат претставите и се изучуваат улогите. Подготовките може да траат и по неколку месеци во зависност од тежината на самата претстава или улога.
Понекогаш се случува да мора да се остане по цели денови на работа за да се совлада зададениот нов материјал и да се одржи предвидениот репертоар за тековниот месец.
Има ли притисок пред појавување на сцена?
Пред да излеземе на сцена, со самото кревање на завесата кај секој од нас се јавува позитивна трема.
Тоа е едно возбудливо чувство кое ние не ѝ го презентираме на публиката, а сепак внатрешно го чувствуваме. Тоа е нашата водилка секој пат да се биде уште подобар од претходниот пат.
На колку години балетаните одат во пензија? На колку години најчесто е врвот на нивната кариера?
Најголемото достигнување во кариерата за еден балетан е помеѓу триесеттата и четириесеттата година. Тоа сепак е индивидуално од неговата посветеност кон изучување и надоградување.
Сметам дека тогаш играчите се најзрели и психофизички најспремни. Кај нас балетскиот играч официјално се пензионира на 54-годишна возраст, но доколку одлучи порано да заврши со своето играње на сцена, тогаш се посветува на педагошка работа во спремањето на подготвеноста на другите колеги.
Што си посакуваш на поле кариера во иднина?
Уште многу одиграни претстави пред полни салони како досега, нови соработки со познати кореографи и педагози и секако пред сè добро здравје.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело