Мирослав Митрашиновиќ: „Да се биде балетан е макотрпна, но прекрасна работа - го работам тоа веќе 15 години“
- Детали
- петок, 02 декември 2022
„На нас балетаните дозволено ни е вежбање во фитнес центри, но не со големи тежини бидејќи мускулите на еден балетски играч треба да бидат еластични. Досега сум имал неколку повреди кои брзо биле санирани, но една ми била потешка кога го скршив скочниот зглоб. Инаку, во Македонија балетаните одат во пензија на 54 години“, споделува Мирослав Митрашиновиќ (32) од Скопје за CRNOBELO.com, кој го игра Принцот во актуелната балетска претстава „Пепелашка.“
Мирослав Митрашиновиќ (32) од Скопје има завршено средно балетско образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и балетска педагогија на факултетот за музичка уметност при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и 15 години активно учествува во балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.
Во интервју за CRNOBELO.com тој споделува детали за својата кариера:
Како и кога одлучи да бидеш балетан? Колку беше тежок процесот?
Како дете бев член на детскиот хор „Златно Славејче“ и тогаш таму кореографката (професионална балерина во пензија) Виолета Бајрами ја воочи мојата музикалност и танцувалност.
Секогаш бев во првите редови на сцена во Универзалната сала кога се одвиваше фестивалот. И оттаму започна сè. Ја засакав сцената.
Еден голем човек кој повеќе не е помеѓу нас, големиот виртуоз на виолина Зоран Џорлев ме однесе за првпат во балетското училиште и во МОБ. Кога влегов во училишната зграда на ДМБУЦ мојата прва средба беше и со мојата прва професорка по балет Душка Иванова Градишки која само што ме виде кажа: донесете го детево во сала да го учиме да биде балетан.
И од тој момент започнаа моите први чекори во изучување на балетот.
Почетоците навистина беа тешки. Балетот бара специфично држење на телото кое не е секојдневно, специјални вежби. И така брзо ми поминаа средношколските денови изучувајќи го балетот и балетските движења, но и изучувајќи ги кореографиите на балетските претстави кои и денес ги играм во балетот при МОБ.
Како ја доби улогата на принц во „Пепелашка“?
За секоја претстава кај нас во балетот, кореографот прави мини аудиција со тоа што покажува одредени движења од кореографијата и истите тие движења ние ги презентираме пред него и неговиот тим.
Најпрво во каст листата бев напишан во улогата на една од сестрите на Пепелашка, но ми предложи да дојдам и на пробите за принц.
Тогаш тој виде нешто во мене и ми кажа дека ќе ја играм улогата на Принцот, но во иднина би сакал да ја изиграм и првично доделената улога на сестра во некоја од наредните изведби на претставата Пепелашка.
Балетот е буквално глума без зборови… Го разбираат ли посетителите, колку во Македонија има балетска публика?
Балетот е естетска уметност во која не се користи гласовен – зборовен говор. Ние говориме со целото тело на сцена. Секоја мисла, емоција и реченица ја искажуваме преку балетските движења.
Доколку не се изразуваме во максимум со движењата и гестикулациите, гледачите нема да можат да ја разберат нашата мисла и текстот на сижето на дејствието.
Улоги на кои си најгорд досега и улога за која се имаш најмногу измачено?
Сите улоги ми се значајни бидејќи секоја си има свој карактер, придонес во балетското дело и различно се интерпретира.
Многу е тешко да се издвои некоја омилена улога. Кога се подготвува улога треба да се биде посветен и да се долови карактерот.
Некои од улогите што сум ги одиграл содржеле повеќе драматургија, отколку балетски движења, но главно за сите улоги треба максимална посветеност.
Колку целото тело на балетаните е обликувано на посебен начин?
Телесниот физички изглед секако е битен за сите што се занимаваат професионално со балетската уметност. Секако дека треба да бидат физички, кондициски, но и психички подготвени.
Секако се препорачува и вежбање во фитнес центри, но не со големи тежини бидејќи мускулите на еден балетски играч треба да бидат еластични.
Секако за да се биде во одлична физичка форма треба да се внимава со исхраната, да се состои од здрави, свежи и разновидни производи.