Христина од Кичево е мајка на предвреме родено дете: „Имав нормална бременост, дури по 2 години сфативме дека син ми има застој во развојот“
Како дојдовте до идеја да го креирате „Прирачникот за играчки направени во домашни услови“?
Во текот на изминатиов период или поточно од почетокот на оваа година почнав интензивно да работам на себеси за постигнување на личен раст и развој.
Почнав повеќе да се интересирам за оваа тема, и некако се пронајдов и си дадов време и за себеси, заклучив дека со целава оваа ситуација околу Леонид и неговата состојба се одразило стресно врз мене, и барав начин да се кренам.
Извесен период посетував Гешталт терапија која одлично ми помогна, ми го осветли патот и ми даде целосна насока и освестување за многу работи.
Станав посвесна личност, почнав да живеам поприсутен живот, успеав целосно да се себеспознаам.
Во тој период ми се случи и програмата „Најдобрата верзија од себе“ која на Инстаграм ја создадоа Катерина Љамова Богоевска и Кристина Дескоски.
Цела програма целосно резонираше со мене и целосно уште повеќе ми се разбистрија сите оние работи кои се клучот за успехот кај една индивидуа.
На крај имаше Модул како да ја живееме својата животна страст и така јас заклучив дека сакам нешто да креирам, но не ми беше разјаснето што би создала, а притоа целосно да ме исполни.
И еден ден сосема случајно на Кате ѝ текна идеја да ме праша дали јас некогаш сум размислувала за пишување „Прирачник“ за оваа тема, реков „не“, „епа, размисли“ - ми рече.
И така целата идеја одлично се вклопи со мене, веднаш почнав уште вечерта да пишувам и буквално пишувањето одеше и течеше како песна.
И така заклучив дека јас си ја пронајдов целосно мојата животна страст, мојот потенцијал и талент.
Среќна сум што создадов нешто кое ќе биде од корист на многу родители кои сакаат да креираат и да создадат нешто за своето дете, а притоа да е брзо, да не одзема многу време, да е во домашни услови и евтино.
Сѐ е така сместено во едно место и класифицирано во категории на игра и категории на употребен материјал, со цел родителот да не лута и да го има сето тоа обезбедено на едно место.
Која е омилената играчка на вашето дете?
Ако мислите на играчка од сите досегашни креирани, не можам да одвојам никоја посебно, зошто знам дека во секоја игра уживањето му било подеднакво исто, имало моменти кога не можел да се снајде и сум му дала задача што е преголем залак за него, па таа игра сум ја понудила за понатаму, но кога би одвоила нешто што покажал огромен интерес за играње и повторно играње на истата играчка тоа би било Играта со Хипо и четкањето на неговите запчиња кои се креирани од зрна грав.
За крај што би им порачале на родителите?
За крај на сите родители најпрво би им посочила дека растењето на децата и нивниот детски развој бара огромно трпение, истрајност и од мали нозе стимулација, без разлика дали се работи за дете со уреден развој или не.
На секое дете му е потребна игра уште од мали нозе, насоки, интеракција и комуникација.
Бидете и вие креатор за вашето дете, бидете секогаш присутни во нивното растење.
Како родители не можеме да бидеме совршени, но можеме да бидеме свесни и така свесно и присутно и со многу љубов и внимание заедно да чекориме во детскиот свет и да им направиме и создадеме можност за правилен раст и развој, знам дека можеш и ти затоа само смело чекори напред кон освојување на нови скалила, цели и предизвици.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело