Тамара од Скопје: „На 33 години се вљубив во трчањето и едвај го чекам секој нареден маратон“
- Детали
- вторник, 20 септември 2022
„Со трчање почнав пред речиси две години, во оној момент кога почнаа полициските часови и бескрајните часови поминати пред компјутерски екран, но веќе имам медали и сум вљубена во овој спорт, а мило ми е што бројот на трчачи во Македонија расте од ден на ден...“, раскажува за CRNOBELO.com Тамара Јолевска Попов (35) од Скопје, која е лектор на универзитет.
Тамара Јолевска Попов (35) од Скопје, е лектор на универзитет и атлетичарка - аматер. Вели дека пред само 2 години започнала со трчање, но според возраста веќе е ветеран во атлетиката.
Таа е и филолог на англиски и шпански јазик и двапати објавен автор на кратки раскази на македонски јазик.
Со неа поразговаравме за нејзината пасија – трчањето и нејзините успеси досега.
Таа за CRNOBELO.com споделува како се вљубила во овој спорт:
„Со трчање почнав пред речиси две години, во оној момент кога почнаа полициските часови и бескрајните часови поминати пред компјутерски екран, што од професионална потреба, што од потреба за социјализација со оние што ми живееја подалеку, а такви има многу.
За човек што е активен од својата петта година, ова беше погубно. Во тие чудни услови, единствен момент првично за малку ментална хигиена, а потоа и за ментална гимнастика на многу теми од мојот живот (семејство, здравје, работа, итн.) беа бескрајните километри поминати во, најпрво, комплетно несоодветни патики и несоодветна опрема за трчање.
За волја на вистината, не беше секогаш забавно и во моментот кога одлучив да видам кој друг во градов и државава си бара едно мало прибежиште во трчањето, наидов на една фина група девојки и момци кои ме прифатија како своја веднаш. Нивното/нашето име е Корраннерс.
Се сретнавме на една трка организирана на скопскиот кеј и почнав со нив да тренирам. Е, од тој момент мојот напредок како трчач и како некој што сака да биде вклучен во секој аспект на трчањето во Македонија почна да прави квантни скокови.
Би сакала да ги издвојам бројните подиуми во изминатава година и пол, а како најзначајни би ги одбрала третото место на Националното првенство во маратон одржано лани, 2021 во склоп на Скопски маратон и првото место на Националното првенство во полумаратон одржано годинава во Битола, во склоп на уличната трка Трчај бе.
Којзнае колку трпение му требало на мојот сопруг Бодин со сите тие мои станувања во 3 или 4, па дури и во 2 наутро за да стасам до Битола на првенството, но можам да кажам дека овој успех се должи на тоа трпение и поддршка.