Марија (30) од Велес: „На 8 години бев жртва на сексуално насилство од член на моето пошироко семејство“
Кое е сега твоето мислење за ова што ти се случи? Кои ти се чувствата кон злоставувачот?
Многу често се прашувам што би било ако не се случело тоа. Тоа го разговарав и со тебе на неколку наврати. Тоа е чувство кое сите ние кои сме биле сексуално злоставувани како деца, го делиме.
Каков би ми бил живот без трауми? Дали сега би била некаде надвор од земјава, или пак тука, но со академски достигнувања како што сум сакала? Чуден е животот. Мораме да се научиме како да не живееме во минатото и во „што ако“, но да продолжиме напред.
А во однос на злоставувачот? Немам конкретни чувства. Имаше период кога си го признавав себеси ова што ми се случило, да чувствував голема омраза кон него, гадење, да, мило ми е што е мртов. Но, сфатив потоа дека ништо нема да достигнам ако ги имам тие лоши чувства, ако ги чувам во себе.
Уште немам достигнато степен на простување, но мислам дека мојот пат е уште на почеток.
Да, впрочем и јас ги чувствував истите тие чувства на омраза. Дури и ми беше криво што мојот злоставувач е мртов, што не можев да му се одмаздам некако. Но, знам дека тоа само ќе ја направеше цела ситуација уште полоша. Се согласуваш ли?
Затоа тука имаме избор. Или ќе се поставиме како нив, и пристапиме кон сето ова со злоба или не. Животот е премногу краток за да се водат војни со луѓе кои не се со нас повеќе. Има кој нив да им суди.
Но, ние за да можеме да се ослободиме, треба да продолжиме понатаму. Да продолжиме со цел да ја раскажеме нашата приказна, да помогнеме на некое друго дете, да се обидеме и да спречиме некое следно сексуално злоставување.
Како се справуваше со ова низ годините? Секоја траума остава некаков траг. Кај мене тоа се манифестираше на многу различни начини. Како се манифестираше кај тебе?
Кај мене се манифестираше со панични напади и со напади на анксиозност. Со тоа што имав многу шанси да заминам од Македонија и да се доусовршам академски, но немав храброст.
Се плашев од иднината, од луѓето. Кај мене сето тоа се манифестираше со страв да започнам нешто ново.
Можеби и затоа многу години тренирам боречки вештини. Некоја потреба да се одбранам физички, ако дојде до тоа повторно. Нешто потсвесно во мене кое ме тера да бидам силна, истрајна, и да научам како да се одбранам себеси, а и другите. Планинарам, шетам низ природа, со надеж дека тоа ќе ми помогне. И навистина ми помага.
Некои луѓе кои поминале низ истово, завршуваат многу полошо од мене и тебе. Се дрогираат, пијат, својата болка ја задушуваат на тој начин, со многу лоши постапки. Но, кои сме ние да ги осудиме за тоа? Затоа пред да осуди кој било, треба да се запрашаме каква е позадината на сето тоа. Треба да има систем кој ќе им помогне на тие луѓе, општество во кое ќе имаат доверба, народ кој не треба да осудува.
Неколкупати споменавме како општеството да биде со широко отворени раце кон жртвите на сексуално насилство. Каква мислиш дека е ситуацијата денес?
Го делам истото мислење како и тебе. Дека прифаќањето од младите е подобрено. Нема толку големо осудување, и не е табу како што беше, да речеме, пред 10 години. Но, сепак треба уште да се работи за да се средат одредени нешта.
И ова не го споменувам само за народот, туку и за надлежните институции, за оние кои навистина треба да ги санкционираат насилниците, и кои треба да се грижат за психичкото здравје на жртвите. Не се прави ништо во однос на тоа.
Кажи ми, знаејќи од сопствено искуство, како се чувствуваш сега кога веќе проговори за ова? Јас знам дека кога излезе моето интервју како да ми се симна камен од гради, една цела тегоба која сум ја носел цел живот...
Токму така. Мене уште не ми е целосно паднат тој камен. Но почнува, полека но сигурно.
Самиот факт што сега разговарам со тебе, мене ми прави да ми е полесно, поубаво и почисто. А сигурна сум дека така ќе биде и со објавувањето на ова интервју.
И сакам да се излечам од ова, сакам да пристапам кон животот ведро и насмеано. И мислам дека се упатувам кон таа крајна линија.
Повторно ќе се навратам на останатите. Сите сакаат да направат некоја сензационализација од нешто. Како да е нивен живот, па тие да одлучуваат кога ние ќе проговориме, што ќе проговориме, и што ќе откриеме. Но, нашиот пат и нивниот пат не е ист. И јас сакам да можам да проговорам за сè веднаш, но не можам. За мене дури и ова интервју е огромен залак.
Но, важното е што почнувам да се чувствувам лесно. Како да ми се брише дамката која ми ја ставил некој друг.
Што ќе ни кажеш за крај? Дали имаш да оставиш некоја порака за останатите кои поминале низ ова исто?
Само дека колку и да изгледа темно, секогаш има надеж за подобро. И не само надеж, туку и вистина дека ќе е подобро. Треба да работиме на самите себеси, да истражуваме, да читаме, да бараме помош од професионални лица кои можат да ни асистираат при лечењето на душата, да знаеме дека вината никогаш не е на тие деца кои биле сексуално злоставувани.
Не треба да се осудува, и не треба да се претпоставува, бидејќи мојот пат, е различен од твојот, а твојот е различен од нечиј друг. Сите сме различни, и не сите секогаш имаме иста храброст, и ист призив да направиме нешто големо. Ама можеме да почнеме од некаде.
Сакам да знаат жртвите на сексуално злоставување, дека не се сами.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кирил Ангелов | Црнобело