Сестрите Татјана и Тамара (24) од Свети Николе изработуваат бајковити креации за мали принцези и мајки: „Важно е да се одбере соодветен материјал за секоја креација“
- Детали
- сабота, 20 август 2022
Сестрите близначки, Татјана и Тамара Маневи, вљубенички во модата и дизајнот, на свои 22 години го започнуваат својот мал бизнис во Свети Николе за креирање облека за девојчиња, како и комбинации за мајки и ќерки.
Инспиративна приказна за две млади девојки кои го реализираат својот сон во сопственото ателје во Свети Николе.
Сестрите Татјана и Тамара Маневи имаат само 24 години, а веќе две години го поседуваат модниот детски бренд MINIE'S by sisters.
Љубовта кон дизајнирањето им се јавила уште во детството, а своето знаење го усовршуваат во Белград и на Технолошко-Техничкиот факултет во Штип.
За себе велат дека се личности кои прават сè за да си ги исполнат своите соништа – пред сè со многу упорност, посветеност и истрајност во работата.
„Нашата љубов кон креативното творење и дизајнирање парчиња облека се појави уште од рана возраст, а со секое ново дизајнирано парче се јавуваше страст и се поголема желба за следен поинаков дизајн.
Ова со години ни беше хоби кое навистина нè исполнуваше и ни даде јасна визија за животната професија.
Сепак, покрај креативниот дел во оваа работа, отсекогаш нè интересираше прецизното и квалитетно создавање на моделите па затоа започнавме со посетување на професионални обуки за мода и дизајн во Белград.
Паралелно се насочивме на универзитетско студирање на Технолошко-Техничкиот факултет во Штип.