Љубовната приказна на Симона и Славјан: „Романтичните свадбени фотографии ни ги направи сестра ми во Охрид“
Матичното не можевме да го организираме истиот ден и затоа го направивме во мај 2022 во вила со базен, каде сакавме да организираме мала прослава со најблиските. Атмосферата беше преубава, декорациите на масите, позадината за сликање, подарочиња за гостите направени од нас.
Потоа направивме кратка фотосесија, а веселбата продолжи со македонски ора и песни цела вечер.
Нашата идеја во врска со фотосесија беше да биде во сицилијански стил на море, затоа нешто што беше најслично до нашите можности беше да организираме фотосесија во Охрид.
Прикажувајќи ја магијата на Охрид и прекрасните манастири кои ни нудат посебно чувство се решивме да си организираме сами ваква фотосесија која дел беше на Свети Јован Канео, Света Софија и стариот дел од градот, како и пловење со катамаран на Охридското Езеро.
Можам да кажам дека целосно сами ја организиравме целата фотосесија, фустанот е земен од Zara, штиклите од Bershka, велот го направив сама од тул и сребрена штипка која многу лесно се става во коса.
Бидермаерот и декорацијата на катамаранот исто така беа изработени од нас со тоа што сакав да ги задржам тие летни, пастелни бои на цвеќе кои будат нежност и љубов.