Елена „Живот со стил“ за свадбата со саканиот Бојан: „Сменивме локација во последните 48 часа, но ја имав својата италијанска бајка“
- Детали
- среда, 20 јули 2022
„Во венчаницата се вљубив на прв поглед, ја купив од Солун, бидерамерот ми беше од моето омилено цвеќе бели рози, а го зедов презимето на љубовта на мојот живот и мислам дека одлично ми прилега - сега сум Елена Најдоски“, споделува Елена „Живот со стил“ за CRNOBELO.com за најубавиот ден во нејзиниот живот кога му кажа „да“ на својот сакан Бојан.
Елена Стефановска по 3 години врска стапи во брак со својот избраник Бојан на бајковита свадбена церемонија на 9-ти јули во скопскиот хотел „DoubleTree by Hilton“.
Познатата водителка на емисијата „Живот со стил“ направи и токму таква – свадба со стил, иако на само неколку дена пред свадбата временската прогноза за свадбениот ден од 20% шанси за дожд се претворила во 80% и во сериозна закана за целата организација.
Сепак, Елена за CRNOBELO.com вели дека 48-те часа пред свадба ѝ биле најстресниот, но едновремено и најубавиот период затоа што одново морала комплетно да ја осмисли својата свадбена бајка.
Од замисленото ѕвездено небо на отворено во Камник и прв танц на светлина од свеќи, таа се префрлила на тема свадбени облачиња и прскалки во затворена просторија, но успеала да ја задржи посакуваната доза на романтика, па и многу повеќе од тоа.
Со нејзиниот сакан Бојан имале сон за свадба со италијански шмек, сакале да ја доловат магијата на Тоскана и пресреќни се што успеале во тоа.
На двајцата највпечатлив миг им било влегувањето во салата со овации и аплауз од најблиските, како и првиот танц кој го играле на нотите на „Love In Portofino“ на Андреа Бочели, која за нив ја отпеал нашиот уметник Павле Камилоски.
Елена вели дека воопшто не ни помислила да ја откаже свадбата затоа што не ѝ било воопшто важно каде ќе се одржи, туку ѝ било важно само да си вети љубов до крајот на животот со својот избраник.
Плус, целата организација со многу гости од странство, кои допатувале специјално за нивниот голем ден, како и 4-те типови на музика кои си ги посакувале и договориле за нивната свадба би било невозможно да ги усогласат за друг ден. Организацијата ја започнале од месец март, а на свадбата имале 190 гости.
„Времето ни ги помати сите планови и можеби тие два дена пред свадба кога одлучивме да ја префрлиме на затворено некако најмногу ме изморија, но дефинитивно вредеше и испадна и поубаво од што очекувавме“, вели Елена за CRNOBELO.com.
Меѓу музичарите на свадбата бил и познатиот српски пејач Никола Роквиќ, кој бил нивен заеднички избор.
Елена одлучи да го земе презимето на нејзиниот сопруг, па сега е Елена Најдоски. Вели дека со задоволство го сторила тоа, дека е пресреќна што го носи презимето на љубовта на нејзиниот живот и дека навистина ѝ се допаѓа како звучи.