Бобан Србиновски: „На 28 години добив дијагноза мултипла склероза и повеќе ништо не е исто, но затоа живеам за мигот“
Каква терапија практикуваш?
Од самиот почеток направив драстични промени во исхраната и започнав терапија препишана од невролог.
Правам вежби во домашни услови во зависност од можноста и состојбата во која сум во моментот, знам и да направам подолга пауза, па да почувствувам како телото ми бара малку внимание.
Секојдневен внес на витамини и внатрешниот аларм кога треба да застанам со активност за да одморам.
Те плаши ли помислата на иднината? Успеваш ли да се концентрираш на мигот и да уживаш во сегашноста, нешто што секој еден од нас треба да знае да го прави?
Помислата за иднината ми прави состојба на депресија, долгорочните планови не се во мојот распоред.
Времето поминато со сопругата, децата и внуците ме исполнува, сакам да се дружам и бидам во друштво со позитивни луѓе. Треба да се ужива во моментот и да не се опседнува со иднината, да не размислуваме на негативни работи.
Добрите и позитивни мисли привлекуваат и таква енергија. Да мислиме и тежнееме кон она што сакаме да ни се случи.
Што се промени во твојот тек на живот?
Научив повеќе да се почитувам и ценам, да кажам НЕ, да бидам трпелив и истраен, да плачам и најгласно да се смеам, да уживам во сите мали нешта и да го „вдишувам“ животот со полни гради. Ако не можам да ја победам да ѝ се придружам.
Ова е игра која нема никаков „рестарт“, како сон од кој знаеш дека нема да се разбудиш, туку ќе го живееш до крајот на твоето постоење.
Актерката Селма Блер отворено говори за соочувањето со оваа болест… Колку сметаш дека говорењето на темата јавно помага?
Треба сите да бидат упатени во состојбата со МС, секој е со различно искуство и предлог за решение.
Колку повеќе ја откриваме, толку подобро ќе ја запознаеме.
Што би им порачал на другите што се соочуваат со оваа дијагноза?
На мене и на сите им посакувам да се прифати состојбата во која сме и да не се плашиме што и да се случи, овде одлуките не ги носиме ние, ако работата не може да се направи сега, нека се направи утре.
Никој од нас не е должен да се докажува и покажува колку може да направи.
Да се отвориме и да ги откриеме нашите квалитети кои можеби не знаеме дека сме ги имале, храброст, трпеливост, постојаност, упорност, прилагодливост, инвентивност и неуништлив дух, квалитети кои сè повеќе ги откриваме со секој нов удар кој ни го задава оваа дијагноза.
МС може да ни одземе што сака, но срцето и душата не. Да бидеме јаки, а не патетични.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело