Бобан Србиновски: „На 28 години добив дијагноза мултипла склероза и повеќе ништо не е исто, но затоа живеам за мигот“
- Детали
- вторник, 28 јуни 2022
„Првите симптоми ми се појавија на 27 години, забележав кога при движење, трчање и пишување екстремитетите ми се кочеа во интервали од 3-5 секунди. Бев хоспитализиран на 28 години … Беше крај на месецот кога требаше да го подигнам отпусното писмо од неврологија, бев многу среќен кога ми рекоа дека не треба да платам ништо поради дијагнозата која беше запишана. За жал, не бев запознаен што значи G35 …“, ја почнува својата приказна Бобан Србиновски (34) од Скопје за CRNOBELO.com.
Бобан Србиновски (34) од Скопје, е дипломиран мировен аналитичар, 13 години вработен во бренд за спортска облека во одделот за е-продажба.
Вели дека хоби пред 7 години му биле карате и фудбал, но по дијагнозата мултипла склероза омилено хоби му е читање книги.
Со оваа дијагноза вели дека изгубил многу, но и добил многу затоа што му се отвориле нови хоризонти и дознал за што сè всушност е способен.
Сега, говори јавно за да им помогне и на други лица што се соочуваат со ваква дијагноза да ја прифатат состојбата, да бидат силни и да научат да функционираат најдобро што можат во дадените околности, затоа што животот е еден и нема реприза.
За соочувањето со дијагнозата мултипла склероза и новиот животен стил по неа, Бобан говори искрено за CRNOBELO.com:
Какви симптоми имаше? Што те натера да појдеш на доктор?
Првите симптоми се појавија во 2017 година, забележав кога при движење, трчање и пишување екстремитетите ми се кочеа во интервали од 3-5 секунди.
На колку години ја доби дијагнозата и што почувствува кога слушна дијагноза мултипла склероза?
Бев хоспитализиран на 28 години, моето искуство во соочувањето со дијагнозата е малку поразлично од останатите, најверојатно.
Беше крај на месецот кога требаше да го подигнам отпусното писмо од неврологија, бев многу среќен кога ми рекоа дека не треба да платам ништо поради дијагнозата која беше запишана. Не бев запознаен што значи G35.
Кога веќе ја имаше дијагнозата и ќе се вратиш наназад, дали си имал симптоми од многу порано, кои си ги припишувал на нешто друго?
Тренирав карате 15 години, активен бев и во други спортови. Како проблем кој можам да го одвојам е слабост во десното колено, кое го припишував на заморот.
Што значи да се живее со дијагноза мултипла склероза?
Да се живее со МС е како борба со замислен противник. Никогаш не знаеш кога и каде може да те удри.
Борба сам против себе. Да станеш од спиење, а да бидеш изморен. Секој ден е различен од претходниот во поглед на расположение и енергија за извршување на обврските.
Изморен сум да бидам изморен.
Колку поддршката од најблиските ти помогна со справување со шокот од дијагнозата?
Поддршката е најважна во справувањето не само со шокот, туку и со промените кои ги носи времето.
Прифаќањето на состојбата во која сум и позитивниот став придонесува да се чувствувам малку подобро, како и надежта дека нема да има влошување.
Како реагираа најблиските?
Мислам дека никогаш нема да ја дознаам реакцијата од најблиските (сопругата, родителите и брат ми) можеби меѓусебно комуницираат и прават полесно да го прифатам новиот начин на живот, новото поглавје кое јас не сакав, а се наметна.
Колку болеста ти влијае на квалитетот на живот?
Квалитет? Го живеам моментот, не може да се планира ништо.
Кога имам план и треба да го започнам тогаш (СТОП) не функционира рака, нога не може јас кога сакам, како некој друг да одлучува, а не јас.
Состојбата МС има големо влијание врз квалитетот на живеење. Одрекување од многу работи, кои претходно сум можел да ги правам, а сега не.
Ако животот со МС е филм, тогаш таа (МС) ја има главната улога, но сепак зависи и од која страна се гледаат работите. Можеби не можам да бидам активен во спорт, да одам како што одат другите, да трчам, танцувам и да ги извршувам работите на начин како пред дијагнозата, затоа научив дека и најмалите нешта може да ме прават среќен.
Влијаат ли стресните настани на појава на одредени симптоми? Си имал ли таква ситуација?
Стресот е фактор број еден кога е во прашање влошување и појава на нови симптоми.
Се трудам да го сведам стресот на минимум за да не се активираат нови лезии и да не се промени состојбата во која сум.
Моментот кога ќерка ми со глава се удри во метална цевка и не знаевме дали тече крв од глава или од око, ми беше еден од најстресните досега. Но, за среќа сè се заврши добро.