Мила од Битола студира на Харвард: „Дипломата ти ги отвора вратите за сѐ што си сонувал, но нема поубаво место од дома“

„Дипломата од Харвард ти отвора многу врати, но откако ќе помине првичната еуфорија сфаќаш дека ненадејно си станал најголемиот патриот што некогаш си бил, оти за тебе нема поверни навивачи од Македонците, нема поуба природа од пелистерската, и нема поуба забава и град со поќе душа од Битола“ – вели во изјава за CRNOBELO.com Мила Ивановска, Македонката која студира на Харвард, каде студиите чинат 80.000 евра годишно, а благодарение на своето знаење таа се образува на сметка на универзитетот.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-01.jpg

Мила Ивановска е 19-годишна девојка од Битола која на македонската јавност ѝ стана позната заради огромниот талент за математика и физика, но и по големиот број медали и награди што ги освои на регионалните и националните натпревари во математика.

Денес Мила студира на престижниот универзитет Харвард во САД, во моментов има летна пракса преку која работи на истражувања за потребите на научниот институт CERN (местото каде беше откриена „Божјата честичка“), а одвои од своето скапоцено време да одговори на прашањата на CRNOBELO.com и да ги сподели искуствата за тоа како е да се студира на овој универзитет.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-15.jpg

По големиот број победи на натпреварите Мила аплицирала на вкупно 15 факултети во Америка, 5 во Англија и 4 во Франција, вкупно била примена на 9 од нив, а на 4 била ставена на листа на чекање.

Како ја донела одлуката да студира на Харвард и кои се првите впечатоци оттаму проследете во интервјуто во продолжение...

Дали можеби се двоумеше помеѓу два универзитети и што беше пресудно да одлучиш да студираш на Харвард?

Како што веќе еднаш имам изјавено, тешко е да се каже „не“ кога ќе влезеш на Харвард, и сѐ уште стојам на тоа.

Немаше многу простор за двоумење помеѓу два факултети, дури не знам ни дали официјално носев некаква одлука - кога ќе успееш да се запишеш на факултет од ваков ранг како Харвард, МИТ, Стенфорд, Оксфорд и Кембриџ, сите други опции исчезнуваат, го пакуваш куферот и леташ кон остварувањето на сонот на илјадници деца.

Кога ќе размислам сега, и сите тие други опции кои ги имав беа институции со долга традиција кои ветуваа одлично образование и врвни академски услови, дури дел од нив беа и многу поблиску, но тогаш Харвард го одделуваа две работи: средината која те турка да го оствариш целиот потенцијал и да го достигнеш својот максимум, и дипломата која ти ги отвора вратите за сѐ што некогаш си сонувал, па дури и ти открива нови работи за кои претходно не си ни сонувал - да расчистиме, таа диплома не те носи до врвот, далеку од тоа, но ти ги дава очилата со кои можеш да ги видиш скалилата по кои треба да се искачиш за да стигнеш до него.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-04.jpg

Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци на престижниот универзитет, дали знаењето стекнато во Македонија беше доволно за брзо да се вклопиш во средината или требаше да работиш понапорно од другите?

Мислам дека од академски аспект релативно брзо се вклопив во средината - во секој случај, се бара константна работа и ретко некогаш да имаш слободно време, но откако ќе влезеш во ритам, веќе знаеш кои се очекувањата и како треба да си го организираш времето за да ги постигнеш целите кои си ги поставил за тој семестар - не е возможно ништо да не жртвуваш, па така ги рангираш по приоритет неколку работи: просек, дружење, спиење, здрава исхрана, спорт и други воннаставни активности.

За знаењето стекнато во Македонија, можам да зборувам од аспект на математика, физика и програмирање, бидејќи само тие се полињата од кои досега имам земено стручни часови.

Според мене, старата македонска образовна програма која јас ја следев нуди доста широк и добар опсег на содржини кои се изучуваат по математика и физика.

Не знам колку објективно можам да зборувам на оваа тема, бидејќи бев ученик кој константно се подготвува за натпревари во текот на средното образование, па навлегував доста подлабоко во материјалот од она што се бараше за стандардната петка, но сепак мислам дека сѐ додека има добро подготвени стручни кадри (кои за жал во моментов мислам дека се дефицитарни), самата програма за математика и физика од лично искуство можам да кажам дека беше значително подобра од типичното американско средношколско образование по овие предмети.

Од друга страна, тука не би се сложила за компјутерските науки, каде според мене, содржината мора да се унапреди и прошири, следејќи ги и поновите актуелни содржини.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-07.jpg

На Харвард студираш со целосна стипендија – кажи ни накратко кои се условите за добивање на таква стипендија и кои услови мораш да ги исполниш за да ја задржиш?

На Харвард не постои класична стипендија, па така на ваквите факултети во Америка тоа не се вика стипендија, туку финансиска помош, така што нема никакви академски услови кои треба да ги задоволиш за да ја добиваш - единствено треба да дипломираш во рок од 4 години.

Овој систем е специфичен за додипломски студии и функционира на тој начин што ако приходот на твоето семејство е под некоја вредност, универзитетот гледа дека немаш можност како да го платиш школувањето, па на некој начин се обврзува да го овозможи тоа за тебе од финансиски аспект, зашто смета дека секој кој е примен на Харвард заслужува да студира тука без оглед на финансиската состојба.

mila-od-bitola-studira-na-harvard-diplomata-ti-gi-otvora-vratite-za-s-shto-si-sonuval-no-nema-poubavo-mesto-od-doma-14.jpg

Колку чини образованието на овој универзитет, колку плаќаат студентите што не успеале да добијат стипендија?

Студентите кои воопшто не добиваат финансиска помош во просек имаат вкупно трошоци околу 80.000 долари годишно, вклучувајќи школарина, сместување, менза, осигурување и други лични трошоци.

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Мила ја живее својата есенска бајка во Орешани - со чајчиња со цимет, верверички и зимница (фото) „Според мене сите годишни времиња е поубаво да ги доживееш на село отколку во гр...
Анжелика од Скопје за ракот на дојката: „Се изнаплакав кога ми кажаа, а потоа ги извадив двете гради... „Сама бев појдена на контрола и, искрено, не се сеќавам како стигнав до дома. Се...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg