Валерија, Русинка која 10 години живее во Демир Капија: „Бев шокирана кога првпат стигнав тука, виното и ајварот ми се омилени“
Што ти се допаѓа најмногу тука?
Можеби топлината на луѓе, отвореноста и можностите. Македонија е држава која дава многу можности. Зборувам за бизнис и слично.
Што те нервира најмногу тука?
Неодговорноста и нетактичноста на луѓето. Вашето „Да, ќе биде, ќе дојдам, ќе направам“ – не значи ништо. Ние сме научени дека ако ветиш – мора да исполниш.
Го научи ли брзо јазикот? Тешко ли беше средувањето на документи?
Јазикот го научив доста брзо. Ние на почетокот изнајмивме половина куќа и комунициравме со газдите на англиски и потоа брзо англискиот го сменивме со македонски.
Рускиот и македонскиот се од една група на јазици и затоа не ми беше тешко. Инаку граматички грешки правам до ден денес.
Со документи беше најтешко што можете да замислите. За 10 години немам ниту постојан престој, ниту државјанство. Инаку, сите документи се поднесени и сите услови исполнети.
Колку често ја посетуваш Русија?
За сите овие години бев само 4 пати за Русија. Секогаш сакам повеќе да ја шетам Европа или други земји каде не сум била, отколку да одам таму, каде што живеев 25 години.
Готвиш ли македонски јадења? Кое ти е омилено? Пиеш ли ракија?
Пред малку се смеев дека од толку што сум љубител на вино, дури и работа најдов во винарија. Инаку, навистина сум воодушевена од македонското вино. Нема споредба во квалитет и цена.
Исто и ракијата е прекрасна, но неа ја пијам многу поретко. Исто уживам со вашата храна – прекрасните зеленчуци, овошје, риба…
Пинџурот и ајварот се нешто посебно за мене и моите деца. Готвам најмногу салати – сите многу ги сакаме, вашето овошје и зеленчук навистина имаат и вкус и мирис.
Кои ти се омилени места од Македонија?
Многу ги сакам вашите планини – тоа е факт. Исто така многу ми е сладок Охрид, но и многу го сакам Скопје.
Пред извесен период мислев да се преселам во Скопје, но потоа најдов работа тука и одлучив да останам.
Како се снаоѓаше кога не го знаеше јазикот? Знаат ли твоите деца руски?
Моите деца се двојазични. Прекрасно зборуваат и разбираат и македонски и руски. Дома зборуваме само руски. Филмови и книги на руски гледаме, односно читаме.
Син ми учи англиски, а ќерка ми од годинава е прваче и ќе почне со англиски.
Кога дојдов тука ми фалеше многу социјалниот живот, некоја занимација, а ништо немаше во Демир Капија. И тогаш одлучив да држам јога-часови. Така јас за време на часовите го учев и македонскиот јазик и доста брзо влегов во шема.