Како изгледа денес Дарко Давитковски - момчето што ја oтпеа „Сакам кола убава“ во 1995 година?
- Детали
- четврток, 05 мај 2022
„Мора да бидам искрен и да кажам дека и после толку години и ден денес ми е драго кога ќе видам дека сè уште ја знаат мојата песна „Сакам кола убава“, ја пеат на детски родендени, што ми мами насмевка и задоволство. Оваа песна го одбележа детството на многу генерации во тоа време…“, вели Дарко Давитковски за CRNOBELO.com, кој денес е оженет татко на едно детенце и се занимава со нешто сосема друго. Тој ни раскажува како изгледа неговиот живот денес...
Се сеќавате ли на култната детска песничка „Сакам кола убава“ и на малото фраерче со косата во „кремче“ кое се појави со очила за сонце и кожена јакна на сцената на фестивалот „Златно Славејче“ и ги освои срцата на сите девојчиња?
Доколку климате со главата, тогаш се сеќавате и дека тоа момче беше Дарко Давитковски.
Денес, 27 години откако ја отпеа оваа песна, тој е реализиран семеен човек, кој се занимава со нешто сосема поинакво од музика. Оженет е со Ирина и татко е на 4-годишната Дариа.
Го потсетивме на далечната 1995 година, го прашавме како денес гледа на овој период и што му е приоритет во животот 27 години подоцна.
Дарко Давитковски за CRNOBELO.com открива:
„Кога ќе ми го постават прашањето кога беше испеана песната „Сакам кола убава“ е како некој да ме враќа со временска машина во едни убави детски времиња.
Оваа песна беше испеана пред 27 години во 1995 година на фестивалот „Златно Славејче“, а песната брзо стана хит, можеби затоа што беше со несекојдневен текст за детска песна, со рефрен кој лесно се паметеше.
Исто така и сценскиот настап беше впечатлив со очилата за сонце, што за тоа време беше интересно и несекојдневно за деца.
Нема да бидам искрен, ако не кажам дека и после толку години и ден денес ми е драго кога ќе видам дека сè уште ја знаат песната, ја пеат на детски родендени, што ми мами насмевка и задоволство. Оваа песна го одбележа детството на многу генерации во тоа време.
Мојата ќерка Дариа често ја гледа изведбата на Јутјуб и знае да каже „Тато, ама не ја пеевме твојата песна на роденден или во градинка“. Мислам дека така реагира, затоа што знае дека татко ѝ ја пеел песната.
Но, ова се нови генерации кои имаат поинакви интереси, а и интернетот си го прави своето, тоа значи дека им се достапни детски филмови, детски песни кои се од различно говорно подрачје. Имаат некои свои јунаци и принцези, кои ќе го одбележат нивното детство, но и така треба да биде.
Не ми пречи што ме познаваат по песната, напротив и многу ми е драго што песната ја знаат и ја пеат на многу детски родендени и после толку години, но ми пречи што не го препознаваат сега, тој Дарко, најверојатно затоа што има подолга коса (ха ха).
Сепак тоа беше многу одамна, а со музика престанав да се занимавам после неколку снимени детски песни. Тоа беа други времиња со поинакви вредности.
Од тоа време сепак најдраги ми се сеќавањата од многуте гостувања на детските интернационални фестивали во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, безгрижни денови со многу дружба и патување.
Денес, мојата професија не е поврзана со музиката, иако многу ја сакам и ги следам сите жанрови и изведувачи, како на домашната, така и на светската сцена, сепак единствено сум поврзан само кога пуштам музика во домашна атмосфера со пријателите и секако тие дружби почнуваат или завршуваат со „Сакам кола убава“.