Деспина од Скопје чува зајче: „Пинки обожава банани, а им ги грицка и чантите на моите другарки“
- Детали
- недела, 24 април 2022
„Пинки го хранам со сено, јаболка, обожава банани, од зеленчук краставица и морков, а исто морам да кажам дека Пинки сака многу смоки, па знам еднаш во денот да му дадам награда. Многу се гали и најмногу време поминува со мене, тоа е едно нежно, мало и преслатко животно“, раскажува Деспина Кузманова (27) од Скопје за CRNOBELO.com.
Деспина Кузманова (27) од Скопје, сопственичка на салон за убавина, чува домашен миленик зајче, кој ѝ е неразделен придружник во текот на целиот работен ден.
Таа го чува малото бело зајче Пинки веќе 2 години.
За тоа како ѝ изгледа животот со нејзиниот миленик, Деспина открива за CRNOBELO.com:
Зошто токму зајаче?
Затоа што тоа беше љубов на прв поглед, не можев да си одам дома без него.
Имаше ли некој член од семејството кој првенствено не се согласуваше со одлуката?
Искрено да, сите имаат прва мисла дека има чуден мирис и грицка сѐ, но не е така.
Какви услови се потребни за чување зајак дома?
Зајчето не бара голем простор, доволно е и една соба и секако кафез, но да има убави услови, да има храна постојано, вода и играчки.
Како изгледа неговото живеалиште, колку често го чистиш?
Неговото живаеалиште е преполно со играчки, сака гумени топчиња и хартија и постојано ги грицка.
Кафезот го чистам секој ден наутро бидејќи преку вечер си спие во кафез.
Може ли и зајчињата да се дресираат за добри хигиенски навики, си имала ли некоја непријатна ситуација со тоа?
Да, Пинки точно знае каде му е храната и каде треба да врши нужда. Дресирањето го правев постојано со поставување на пелени (прекривки) и така со текот на времето веќе се научи дека таа пелена служи само за нужда.
Дали навистина зајчињата се многу нежни за чување и колку им е животниот век?
Да, тие се пренежни животни, немаат преголеми барања, но како и на секое животно потребно им е малку топлина во зима и малку ладно во лето.
Пинки конкретно обожава да се лади на плочки како што ќе видите и на сликите.
Животниот век зависи од тоа колку е здраво зајчето и колку се убави неговите услови за живеење, но од 7 до 9 години според истражувањата.