Елена од Fancy Flower Boutique: „Божурот е најделикатен цвет, Холандија е мојата омилена земја на цвеќето“
Како топлото/студеното време влијаат на цвеќето? Од кои земји правите нарачки и како изгледа транспортот?
Временските температурни разлики многу влијаат на цвеќето и знаат понекогаш да го оштетат.
Цело цвеќе пристигнува од Холандија и од Еквадор. Дел од цветовите се транспортираат и со авионски превоз.
Цвеќето се нарачува и купува на берза во Холандија и кога одиме на Светскиот саем за цвеќе во Холандија ја посетуваме и берзата и сведочиме на целиот процес на купување, пакување и начин на транспорт.
Купуваат ли Македонците цвеќе постојано или само со поводи?
Откога го имаме цветниот бутик сфативме дека се купува цвеќе за сите пригоди, а откако почна пандемијава почесто се купува и праќа цвеќе и без повод. За убав ден, за убав почеток на неделата, за да се посвети внимание…
Тие радосни лица кога ќе добијат цвеќе се наша најголема мотивација.
Доста актуелни во овој период се и ковид овошните корпи со цвеќе, а лани беа букетите со тоалетна хартија.
Има ли клиенти кои порачуваат еден букет за сопругата, еден за љубовницата? Сте имале ли некои интересни ситуации од овој тип?
Ова е деловна тајна. Секогаш имало и ќе има љубовници, тоа е стил на живеење за некои луѓе.
Кое ви било најлудото барање или случка досега со клиент/ка?
По 6 години работа во нашиот бутик за првпат ми се случи клиент да ми се јави после 24 часа откако е купен букетот и да бара замена за друг производ. Ми кажа дека не успеал да го подари, го заборавил во автомобилот.
Основно правило кое го почитувате при правењето на бидермаер е…
Свежо и доброодбрано цвеќе. Максимална посветеност, инспирираност и одвојување на подолг временски период за изработка.
Сакате клиенти кои точно знаат што сакаат или оставаат на вашата креативност?
Ги обожаваме клиентите кои имаат целосна доверба во нас, тогаш сите од бутикот сме најкреативни. Довербата на клиентите ни е најважна.
Секако, дел од нив ни даваат и насока за да можеме да доловиме нечиј стил, но сепак оставаат на нашата креативност.
Која земја е земја на цвеќињата? И какви се условите за одгледување на цвеќе во Македонија? Има ли луѓе што се занимаваат со тоа?
Холандија! Ја обожавам таа земја. Првпат во 2015 година кога бев на Светскиот саем за цвеќе и семинар во Холандија не бев свесна дека постојат сите тие типови на цветови кои ги видов таму.
Се радував како дете и бев превозбудена.
Во Македонија за жал немаме големо производство, сите производители се мали и имаат мал асортиман и сезонски цвеќиња.
Дали да се има цвеќарница е исплатлив бизнис?
Ако кажам дека не, можеби ќе згрешам. За жал, сè уште не се вреднува рачната изработка доволно во Македонија, а имаме многу скапо цвеќе бидејќи не сме дел од Европска Унија и сме мал пазар за овој дел од Балканот.
Оваа работа бара многу посветеност, одговорност и труд. Не е така наивно како што изгледа од страна.
Можеби е напорно затоа што сме перфекционисти во работата, па така го доживувам мојот бизнис. Се работи со материја која има краток рок на траење и секогаш треба да е совршено свежа и префинета.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело