Ангел Ситновски, колекционер и рокер: „Мојата колекција на плочи и ЦД-а брои безмалку десетина илјади“
- Детали
- недела, 27 февруари 2022
„Имав своја радио емисија најнапред на Скај радио, а подоцна на радио Равел каде што неколку години ја водев двочасовната емисија „Рок приказни“. Во колекцијата имам плочи од рок, особено оној прогресивниот рок, блуз и џез, а имам и неколку стотини наслови на класична музика. Секако, тука е и брат ми Здравко Ситновски - Ситна, помал малку по години, но исто така со голема колекција на ЦД-а“, вели Ангел Ситновски од Скопје за CRNOBELO.com.
Ангел Ситновски е роден во Скопје, 1951 година, архитект, завршени последипломски студии по станбена архитектура на Факултетот во Белград. Потоа, фотограф, уметник, немирна душа, патник и скитник низ светот, трагач по возбуди и по неименуваното.
За себе вели: „Одвреме навреме пишувам и со фотоапаратот ги бележам моментите кои неповратно заминуваат. Како архитект се обидувам да ја подготвам сцената за драмата на секојдневниот живот. Скратувам од забавата и трчам упорно напред во пресрет на денот кога светот ќе се отвори пред мене. Секогаш кога можам, пеш или со мојот велосопед крстосувам по околниве планини, мое бегство од пропаѓањето во бездната на секојдневието. Вечен оптимист, секој ден сонувам за еден поубав свет, никако да престанам да стремам кон светлината и височините.“
Тој е колекционер на плочи и ЦД-а и горд е на својата колекција. Вели дека оваа страст ја има целиот свој живот.
За CRNOBELO.com Ангел споделува детали околу ова негово интересно хоби:
Од каде е желбата за колекционерство?
Музиката ја засакав преку мајка ми, преубаво пееше. Кога бев трето одделение во основното училиште, татко ми ни купи чешки грамофон чешки „Супрафон” и неколку сингл плочи од Ѓорѓе Марјановиќ, Иво Робиќ, Лола Новаковиќ, Душан Јакшиќ, Нада Кнежевиќ, како и неколку странски сингл плочи, не знам како и на кој начин набавени, од Едит Пјаф, Ив Монтан и Шарл Азнавур.
За жал сите плочи, како и грамофонот се уништија во скопската поплава од 1962. Фати земјотресот и нè однесоа една група на деца, во Љубљана. Таму за првпат ги слушнав Битлси и Ролинг Стоунс.
Кога, после година дена се вративме од Словенија, братот на еден мој другар, кој беше постар од нас и студираше на филолошки факултет-англиски јазик, замина во Лондон и од таму ми ја донесе Love me do од The Beatles, како и сингл плочата „Surfin' U.S.A.“ од The Beach Boys. По Бич Бојс го добив прекарот Бојс.
Овие плочи ме однесоа во чудесниот и над сè езотеричниот свет на винилите и тогашната рок и поп музика. Имав голема среќа што растев и созревав како што растеше и созреваше рок музиката. Во оние времиња на почетоците на моето колекционерство, музиката беше многу вредна, возбудлива, денес не е ни близу толку, но јас сум еден тврдоглав романтичар и не се откажувам лесно од моите задоволства.
Дали се сметате за колекционер?
Најнапред купував само сингл плочи кои се вртеа на 45 вртежи, за подоцна да преминам на албуми или познати како Лонг Плеј плочи. Оние пари што од дома ми ги даваа за ужина, јас со нив купував плочи, додека не се вработив.
Од секогаш ја имав оваа страст, па многумина ме сметаат за колекционер.
Сепак јас ќе кажам дека се сметам за љубител на музика, не толку за колекционер иако сите плочи и ЦД-а се одлично сочувани, како денес да се купени. Нормално покрај плочите и ЦД-ата потребна е и добра Hi-Fi опрема.
Сè уште го чувам мојот Pioneer грамофон, Pioneer засилувач, Sony CD player, како и Toshiba касетофон. Звучниците се германски мониторски кутии T+A. Грамофонските глави се многу важни за добар ѕвук. Ги имам неколку од Shure, Decca-London, Ortofon, Stanton. Ги менувам по потреба.
Колку парчиња брои вашата колекција и што вклучува?
Имам нешто преку 1.000 сингл плочи кои сè уште ги чувам, Лонг Плеј или винили имам неколку илјади, а од крајот на осумдесеттите години почнав да купувам и ЦД-а. И нив ги имам неколку илјади, или да речам мојата колекција на плочи и ЦД-а брои безмалку десетина илјади. Секако имам и многу аудио касети.
Плочите и Цедеата чинат многу пари, од 600 - 900 денари за цеде, до 1.000 – 1.500 денари за плоча. Но, мојата колекција е собирана многу години и парите за неа не се дадени одеднаш. Ако пушите можеби ќе дадете повеќе пари за цигари, парите ви одат во воздух, мојата колекција опстојува.
Некои од плочите ги купував тука, лиценцни изданија, многу ги порачував директно од Лондон или пак од Германија, особено плочите на ECM records. Често патувам надвор од Македонија и од секое патување носам плочи или ЦД-а. Имам и подароци од домашниве рок групи и пеjачи.
Најнапред слушав музика од тогаш популарните рок и поп групи. Омилени ми беа покрај The Beatles и Rolling Stones уште и The Animals, The Yardbirds, Spencer Davies Group… Имаа многу преработки на блуз стандарди, почнав да ги барам оригиналните исполнители и го засакав и блузот. Преку блузот го засакав џезот.
Кој се грижи за чистењето на колекцијата?
Со плочите и цедеата ракувам јас и јас се грижам за нив. Имам електростатски пиштол Zerostat кој го неутрализира електрицитетот на плочите, а пред иглата на грамофонот оди посебна рачка со кадифен ваљак која ја чисти прашината што би паднала на плочата.
Најубаво решение е еден одмерен баланс помеѓу аналогно и дигитално; дневно слушам по неколку ЦД-а и обавезно една до две плочи. Имам ритуал на гледање на обвивките, внимателно ставање на плочата на грамофонот и убавината на топлиот звук кога иглата ќе „заора“ низ браздите на плочата.
Од каде се повеќето работи од колекцијата? Дали ги купувате или се подарок?
Имам доста раритетни плочи, многу од нив потпишани од изведувачите и секако имаат вредност, но најголемата вредност е за мене!
Се бавам, покрај моите проекти од архитектура и со фотографија и имам фотографирано безброј концерти. Со многу од рок, блуз и џез музичарите се познавам лично, со некои од нив сум во контакт и сум добивал на подарок, но поголемиот дел ги купувам.
Инаку, до пред короната организиравме и концерти на познати светски музичари, се надевам наскоро пак ќе започнеме.