Борче Стаменов, од иницијативата „Донирај компјутер“: „Дониравме 1.340 компјутери и не сопираме со помош на најзагрозените“
За секоја успешна работа потребен е добар тим. Колку луѓе ти помагаат и се дел од иницијативата за да може успешно да ја извршува својата работа?
Тимот сам се состави некаде на крајот на 2020 година. Пред тоа цела иницијатива ја работев сам.
За почеток се пријави да помага Дејан Милачески кој веќе имаше и работно искуство во една локална компанија. Со него зацртавме цел од ноември до Новата година да средиме и подариме 150 компјутери како би ја затвориле годината со 600 донации. И успеавме!
Потоа се приклучи Жике Коцев кој беше машина. Се радував што запознав такви луѓе кои на некој начин го делеа и мојот дух и посветеност кон работата и иницијативата.
Последниот кој се вклучи беше Драган Ризов. Средношколец со одлични познавања во ИТ технологијата и огромна желба да научи уште повеќе. Тој дојде како дел од договорот за практична обука кој „Донирај Компјутер“ го склучи со локално техничко училиште. Практиката му заврши, но тој секојдневно после училиште е во нашите простории.
Некои би рекле дека сме Дрим тим, јас знам дека сме повеќе од тоа.
Пандемијата со ковид-19 сите нè фати неподготвени, а кога образованието се префрли во домашни услови тогаш многу работи испловија на површина. Како успеа вашата иницијатива да се справи со ситуацијата и да им помогне на оние што имаа потреба од компјутер и лаптоп?
Вистинска експлозија се случи кога започна онлајн образованието поради ковид-19 пандемијата. За пример ако претходно сме поделиле 600 компјутери за 5 години, сега истото тоа го направивме за помалку од една година. Планирањето на активностите беше клучно во овие моменти.
Исто така и тимската работа. Јас главно бев задолжен за администрацијата. Запишував кој се пријавил, кој сака да донира, пакување донации, планирање пратки, правење договори со донатори и друго.
Дејан, Жико и Драган беа ставени како на лента во голема фабрика и правеа по 2-3 компјутера во исто време. Беше тешко, но излеговме на крај. А крајот беше и најубавиот дел од денот кога некој на кого му стигнала пратката ќе ти се заблагодари!
Ако досега дониравте 1.340 компјутери, колку половни компјутери имаш добиено досега?
Од добиени околу 1.700 половни компјутери, успеавме „да вратиме во живот“ 1.340! Убаво е да се спомене дека во овој процес кој трае 6 години, немаме потрошено ниту еден денар!
Од голема помош ни е карго компанијата Еко Логистик која сите наши донации и пратки ги разнесува бесплатно низ цела држава.
Колку време ти е потребно да средиш еден компјутер во твојата работилница?
Тоа зависи и во која состојба го имаме добиено. Времето за средување не е подолго од еден час.
Веќе имаме стекнато страшна рутина, па можеме да работиме и со врзани очи.
Некаде имам прочитано дека продуцентска куќа од Италија сака да снима документарец за иницијативата „Донирај компјутер“, имаш ли новости околу проектот?
Идејата беше на некој италијански режисер. Уште стои во воздух или поточно се чекаат средства од италијанската влада или спонзори за остварување на проектот. Во меѓувреме италијанската јавност се запозна со нашата иницијатива преку печатен медиум кој се чита низ цела Италија, а пред месец дена за нас правеше репортажа и националната телевизија РАИ.
Фидбекот беше прекрасен! Уште добиваме пораки со пофалби од нашинци кои таму живеат таму, но и голем број Италијанци.
Продолжуваме напред со нови сили. Со тоа мото се водиш сите овие години. Си постави ли нова цел што сакаш да ja постигнеш со иницијативата во 2022 година?
Со основањето на здружението „Донирај Компјутер“, стекнавме и нови „клиенти“. Големи фирми се заинтересираа нивната опрема да ја донираат токму преку нас. Тоа се должи на огромната транспарентност која како иницијатива ја изградивме. Нормално целта ни останува иста, еднакво и квалитетно образование со исти можности за сите.
Најдобрата работа кај мене е што не планирам 300 работи наеднаш. Затоа и постигнуваме сè што сме зацртале во кратки рокови. Мислиме, затоа што имаме можност, донациите да не се фокусираат само на донација на компјутери, туку и на други работи кои би им го олесниле животот на оние граѓани кои спаѓаат во ранлива категорија.
Желба имаме, време имаме и верувам дека и оваа намера ќе ја оствариме!
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело