Борче Стаменов, од иницијативата „Донирај компјутер“: „Дониравме 1.340 компјутери и не сопираме со помош на најзагрозените“
- Детали
- понеделник, 10 јануари 2022
За активностите и целта на иницијативата „Донирај компјутер“ нашироко се слуша, а тоа посебно е изразено со почеток на пандемијата кога образованието се префрли во домашни услови. Во продолжение следува разговор со Борче Стаменов кој за CRNOBELO.com ја открива приказната за иницијативата која им помага на оние што им е најпотребно.
Како дојде до иницијативата да почнеш да собираш расипани лаптопи и компјутери, да ги поправиш и да креираш нови и потоа да им ги праќаш на оние на кои им е најпотребно?
„Донирај компјутер“ се роди сосема случајно. Немав никаква намера да прерасне во ова што е денес. Стана позната иницијатива и надвор од границите на Македонија.
Компанијата каде сум вработен 21 година, Бидат Информатика, има доста клиенти кои го користат нашиот книговодствен систем. Тие клиенти кога им застаруваше опремата, по набавката на нова, старите ги оставаа кај нас. За почеток ги давав на практикантите кои доаѓаа кај нас на практична обука за да можат да вежбаат на нив.
Борче се сеќаваш ли на моментот кога го донираше првиот компјутер и на реакциите на луѓето на кои им беше доставен?
Мислам дека секој филантроп или хуманитарец се сеќава на моментот кога кај него се разгорела таа идеја или желба да се помогне некому. Кај мене тоа се случи на работа кога дојде една самохрана мајка на три дечиња и побара дали случајно имаме половен компјутер за нејзините деца.
Средив една подобра машина, мислам дека и некоја игричка инсталирав и го однесов до нивниот дом. Среќата во очите беше онаа искра која и ден денес ме води. Тоа воедно беше првата и последната донација која лично ја однесов.
Ме потресе таа слика. По природа сум доста емотивен и знам како е да се живее во такви услови.
Наредните донации ги праќав по карго. Оние кои беа од Кавадарци и лично ги подигаа ми беа исто така многу стресни моменти. Од тогаш си зададов цел да помогнам колку што можам со знаењето кое го имам на што е можно поголем број на семејства.
Сакав секое дете, ученик или студент да има приближно еднакви услови за подобро и поквалитетно образование како неговите врсници.
Поминаа 6 години како успешно ја спроведуваш иницијативата „Донирај компјутер“, имаш ли претстава колку компјутери и лаптопи донираше за сите овие години.
На 20 Декември оваа 2021 година „Донирај Компјутер“ наполни 6 години. Оваа година ќе ја завршиме со донирани 1.340 компјутери низ цела територија на Македонија.
Неколку компјутери од оваа бројка испративме и за Македонското здружение во Тирана, Република Албанија, за потребите на друштвото.
Која е таргет групата кон која цели иницијативата „Донирај компјутер“?
Таргет група на „Донирај компјутер“ е секое социјално загрозено семејство во државата. Како што спомнав погоре во текстот ние си зацртавме за цел за секое од тие семејества за почеток да обезбедиме барем по еден ИТ уред.
Морам да напоменам дека за да се добие компјутер, семејството е должно да ни достави потврда издадена од соодветен орган како би ја докажало социјалната состојба во која се наоѓаат. Такви потврди можат да бидат: ниски примања, невработеност, самохрани родители, грижа за лица со пречки во развој итн.